ТАВ Македонија со препораки за патниците на Скопскиот аеродром


Аеродромскиот оператор во државава ТАВ Македонија ги замолува сите патници на Меѓународниот аеродром Скопје да одржуваат највисоко ниво на лична хигиена и да не создаваат непотребен метеж, држејќи ја препорачаната дистанца едни од други која што важи за затворените простории, согласно мерките на Владата.

Тоалетите, каде што патниците можат да ги измијат рацете со сапун, се лоцирани на повеќе места во аеродромот: во салата во терминалната зграда, на пристигнување и заминување, при излез од државата, после пасошка контрола, во близина на портите (гејтови), при влез во државата, после пасошката контрола, во делот каде што се чека багажот, потсетува во соопштение ТАВ Македонија.

Оттаму истакнуваат дека согласно со мерките на Владата, но и согласно со нивните корпоративни практики за здравје и заштита при работа, од почетокот на оваа ситуација постојано преземаат мерки за зголемување на хигиената на Меѓународниот Аеродром Скопје, како за патниците, така и за нашите вработени.

– Површините на аеродромот се дезинфицираат три пати дневно, со соодветни средства за дезинфекција, додека пунктовите каде што најмногу се задржуваат патниците, како што се шалтерите за пријавување и безбедносната контрола, исто така се дезинфицираат три пати дневно, со соодветни средства за таа намена. Дополнително, поставени се средства за дезинфекција на рацете за патниците на неколку клучни точки: кај шалтерите за регистрација, кај пунктот за безбедносна контрола (при излез од државата, веднаш после Пасошката контрола), како и во делот “Пристигнувања“ (при влез во државата, во близина на Пасошката контрола), соопшти ТАВ Македонија.

Во врска со летовите, како што веќе апелираа и минатата недела, со оглед на тоа што ситуацијата со коронавирусот се менува од ден на ден, ги замолуваат патниците да ги следат последните објави за  летовите на веб-страниците на авиокомпаниите и да ги контактираат нивните оддели за клиенти.

На веб-страница http://skp.airports.com.mk/ информациите за летовите се ажурираат во реално време, како што ги добиваар од авиокомпаниите, наведува ТАВ Македонија.