ТАВ Македонија: На Скопскиот аеродром поради маглата откажани 9 лета, сега се регулирани


Фото: Б. Грданоски

Поради намалена видливост како резултат на густата магла во скопската котлина, на Скопскиот аеродром од 20 часот синоќа до девет часот изутрината се откажани девет лета, а  четири се пренасочени. Од 9 часот натаму, авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје се одвива по регуларниот распоред и до 17 часот не очекуваме нарушувања,  информира аеродромскиот концесионер ТАВ Македонија.

Согласно правилата на авиопревозниците за вакви ситуации, посочуваат од ТАВ Македонија, тие им организираа превоз и хотелско сместување на патниците од овие летови. За сите натамошни информации во врска со откажаните летови, ги упатуваме патниците да се обратат кај својата авиокомпанија.

-Ги упатуваме патниците да ја следат нашата веб-страница: skp.airports.com.mk, во делот Летови (Заминувања/Пристигнувања), каде што евентуалните промени во редовниот распоред на летови се ажурираат во реално време, како што ги добиваме информациите во нашите системи. Доколку им се потребни дополнителни информации, можат да се јават на шалтерот за информации, кој работи 24/7, на телефонскиот број +389 2 3148 333, се навеудва во изјавата од ТАВ Македонија за состојбата на Скопскиот аеродром како резултат на магла.