Таткото на Вања во погрешна група на Вибер пратил порака: „Кажи колку пари треба“, па ја избришал
Застрашувачки и неверојатни детали се изнесуваат при сведочењата на денешното судење по убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Така, обвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Влатко Кешишев им кажал на полицајците дека работеле по насоките на Љупчо Палевски, дека „тоа било одлука на Палчо“ откако тие го прашале што знае за случајот.
Началникот на полицијата Дејан Димовски сведочи дека Кешишев изгледал како нешто да крие. Велел дека живее во куќата во која била сместена канцеларијата на партијата Десна, дека таму готви, дека таму живее и Палчо, кој снима поткасти. Таму доаѓал Вељо, односно Велибор Манев, кој пак живее на иста улица со исчезнатиот Панче од Велес, што за полицијата било сомнително.
Побарале од СВР Велес да го пронајдат Манев, да го донесат на распит и да извршат претрес кај него. Кешишев постојано велел дека тој не е човек, туку (употребил погрден збор), но на крај ги носи до местото каде е закопана Вања.
Полицијата му јавила на јавниот обвинител Гаврил Бубевски, на судска медицина, да се продолжи со работа, со копање, а на колегите што разговарале со Велибор Манев, Димовски им рекол дека го нашле девојчето, па подобро да поразговараат со Манев. Кешишев му рекол на началникот Музафер, кој сведочеше на минатото рочиште „знаеш ли кој беше со нас, Боре каратистот“. Па и за него барале.
На местото каде била закопана Вања дошле од судска медицина, ЈО, го подигнале телото. Димовски свдочи дека сите биле во шок, затоа што кога го извадиле телото Вања изгледала како жива. Рацете ѝ биле врзани назад со стега, нозете ѝ биле врзани, на устата имала лента. Не виделе други знаци на насилство, „беше како жива“. “Дали дека времето беше ладно, немаше знаци на распаѓање“.
Кога се вратиле, колегите што разговарале со Манев им кажале дека тој признал сѐ за Панче и им кажал каде е закопан и ќе ги носи да им го покаже телото – сведочеше началникот Димовски.
И тој имал впечаток дека таткото Александар се однесувал чудно.
– На Сејф сити видовме дека на 27 ноември во 9.15 неговото возило проаѓа кон „Александар палас“ и Качанички пат. Саат време претходно таму видовме дека поминале „цитроенот“ и „кангуто“. Го прашавме каде одел и зошто токму таму. „Па, ако ја однеле накај граница, мислев да проверам.“ За него имаше индиции. Велеше „ја најдовте ли убиена?“ Во разговорите со Велимир и со Боре тие рекоа дека таткото на Вања му кажал на Палчо дека Вања ќе оди сама кон школо. Најдовме порака, скрин шот од неделата навечер од разговор на Вања и Александар, кој ѝ го препратил на Зорица во која тој им вели на децата „утре ќе биде ладно, мунус 7, облечете се многу добро, со дуксер, шал, ракавици…“ Еден ден Александар ѝ рекол на Зорица, „не се секирај, ако побараат откуп, ќе земеме пари од Хари“. Во групата со родители на Вибер, Александар ја згрешил групата и напишал „кажи колку пари треба“, ама брзо ја избришал пораката. Но некои родители ја виделе и ни кажаа – рече Димовски.
На прашањето како обвинетите комуницирале меѓу себе, началникот Димовски рече дека користеле радио врски и дека биле многу претпазливи.
Полицијата десет дена интензивно работела, а последните два дена не си ни отишле дома.