Таткото на Новак Ѓоковиќ се слика со навивач кој го носи рускиот воен симбол „Z“


 

Отвореното првенство на Австралија во тенис издаде предупредување до играчите откако таткото на тениската ѕвезда Новак Ѓоковиќ, Срѓан, беше виден како позира со симпатизерите на рускиот претседател Владимир Путин со развиорени знамиња.

На видеото објавено на Јутјуб од познат поддржувач на Путин, Срѓан Ѓоковиќ може да се види како позира со поддржувач пред Арената „Род Лејвер“ во Мелбурн.

Човекот носи провоен симбол „Z“ на неговата кошула, додека држи руско знаме со ликот на Путин на него. Симболот „ Z“, кој се наоѓа на опремата и оружјето на руските војници, се смета за знак на поддршка за Русија, вклучително и нејзината инвазија на Украина.

Според правилата на Австралија опен, руските и белоруските знамиња се забранети на настанот.

„Играчите и нивните тимови се информирани и потсетени за политиката на настанот во врска со знамињата и симболите и да се избегне каква било ситуација што има потенцијал да наруши“, изјави портпаролот на Австралија Опен за Си-Ен-Ен во четвртокот. „Продолжуваме тесно да соработуваме со агенциите за обезбедување на настани и за спроведување на законот.

Портпаролот на Австралија опен рече дека „мала група луѓе покажаа несоодветни знамиња и симболи и им се закануваа на чуварите по натпреварот во средата навечер и беа избркани“.