Таткото на модерната македонска архитектура, Георги Константиновски, почина на 90 години


Георги Константиновски, човекот којшто енормно ја задолжи македонската архитектрура и беше најзначајниот промотор на модерната во неа, почина вчера (10 декември) на 90 години. Веста за смртта на Константиновски ја објави неговиот син на Фејсбук. Славен во животот, борец до последен миг за правата на архитектите и злоупотребите на политиката, неговото заминување остана незнајно да не беше објавата на Фејсбук, во која се наведува и дека погребот бил извршен денеска.

Не реагираше ни Градот Скопје, кој нему му остави капитално наследство како: Архивот на Град Скопје, Студентскиот дом „Гоце Делчев“, Домот за рекреација во Катлановска бања. Потоа, негови дела се  Архивот во Охрид, Меморијалниот комплекс „АСНОМ“ во Пелинце, Архивот во Штип, Спомен-домот на Разловечкото востание.

Роден во Кралството Југославија (1930) во Крагуевац, тој беше дел од првата генерација на Техничкиот факултет во Скопје – дипломира во 1956. По дипломирањето се вработил во Заводот за урбанизам при Народниот одбор на Скопската околија во Скопје. Во 1958 бил примен како асистент на Архитектонски отсек во Скопје. Тука му завршува и професионалната кариера како редовен професор во 1995. Магистрирал на универзитетот Јејл, САД во 1965 кај Пол Рудолф и Сергеј Чемаеф.

Тој е основач на прогресивната вонинституционална архитектонска група „Андерграунд” во Скопје во 1968 година. По доаѓањето во Скопје од САД, одржал поголем број предавања пред скопските архитекти за современата американска архитектура придружени со дијапозитиви. Во 1991 година на Белградското триенале на светска архитектура беше прогласен за најдобар архитект на Југославија и бил вброен во најдобрите 55 светски архитекти.

Архивот на Град Скопје, ремек-дело на архитектурата на Георги Константиновски

Специјализираниот веб-сајт за македонската архитектура „МАРХ“, ја одбележа неговата смрт. „Неговиот лик и дело ја задолжија македонската архитектура, оставајќи наследство кое има локално, регионално и меѓународно значење. Сѐ повеќе неговите дела предизвикуваат внимание кај оние кои го истражуваат периодот на бруталистичката архитектура. Извонреден во својата професија, одличен педагог (омилен професор на многумина) и вистински архивар на македонското градителско наследство“, стои во објавата.

Георги Константиновски беше жесток борец против изградбата на проектот „Скопје 2014“. Во редица негови текстови објавувани во тогашниот „Утрински весник“ тој бескомпромисно пишуваше за злоделото што му се врши на главниот град од политички побуди, не сакајќи да прави компромис со своите архитектонски начела во времето кога многу познати архитекти одбраа да молчат. Неговата храброст во веќе одминати години беше пример за храброста на многу негови млади колеги и тогашни студенти. (Н.В.)