Таткото на Маричиќ вметнат во приказна за Хитлер, министерот згрозен од манипулациите
Една фотографија извадена од контекст може да послужи за големи јавни манипулации. Министерот за правда Бојан Маричиќ напиша на Фејсбук дека е згрозен од „обидот преку тенденциозни и опасни лаги да се наруши мојот и угледот на мојата фамилија“, откако еден австралиски новинар со македонско потекло на Твитер објави фотографија на неговиот татко покрај биста на Хитлер и неговата книга „Мојата борба“ снимена во музејот „Документациски центар за нацистичките митинзи во Нирнберг“.
Овој музеј ја прикжува пропагандата на нацистичката партија која сите свои големи митинзи од 1933 до 1938 година ги одржуваше во Нирнберг. Музејот дава целосна слика за историјата на партиските собири како предупредување што може да направи една диктатура во една држава.
Но новинарот Саша Узунов тврди дека таткото на министерот, поранешениот јавен обвинител Момир Маричиќ, „гордо се фотографирал“ покрај бистата на Хитлер. Оваа негова објава со огромна брзина беше пренесена од медиумите блиски до опозицијата во Македонија без никаква проверка.
Министерот Бојан Маричиќ на тоа одговори.
„Згрозен сум од обидот преку тенденциозни и опасни лаги да се наруши мојот и угледот на мојата фамилија. Несфатливо е како во 2021 година сè уште во јавноста, без трошка совест и одговорност се објавуваат вакви наслови.
‘Таткото на Бојан Маричиќ сликан гордо со статуата на Хитлер и книгата Мојата борба’ е еден од тие.
Јас и целата моја фамилија единствено сме горди на нашите дедовци кои си ги жртвувале животите на фронтовите токму во борбата против фашистите, а таткото на мојот татко, мојот дедо, носеше целиот свој живот лузна добиена при неговиот престој во нацистички логор.
Во објавата на порталот ‘Република’ се пренесува пост од социјалните мрежи, а во содржината тенденциозно е изоставен делот во кој татко ми под неговата фотографија направена во Документацискиот центар за нацизмот во Нирнберг пишува ‘Култот уште живее ама само во вакви музеи кои служат за опомена’.
Повеќе од јасно дека станува збор за предупредување дека со градењето на култови кон личности светот и државите можат повторно да се соочат со зло какво што беше фашизмот. За жал, токму фашистите за своите пропагандни цели се служеа со тенденциозни лаги и невистини.
Свесен сум дека едноставно се работи за обид за моја дискредитација пред најавената интерпелација од опозицијата и уште повеќе поради почетокот на длабинските реформи во правосудството“, одговара Бојан Маричиќ на погрешното и злонамерно поврзување на една посета на неговиот татко во музејот во Нирнберг кој ги покажува опомените за тоа што може да донесе нацизмот. (Н.В.)