Таткото на Александар Ѓорчевски: Син ми беше зависник, но се излекува пред да се ожени
Во продолжение на денешното рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, денеска пред Кривичниот суд сведочеше Зоран Ѓорчевски, дедо на убиената Вања и татко на Александар Ѓорчевски.
Зоран зборуваше за денот кога е исчезната Вања, и како се одвивала комуникацијата со семејството.
-Во постојан контакт сум со семејството. Се јавив да прашам како се. Ме известија дека ја нема Вања. Ние сме 40 години разведени. Го побарав Александар на телефон да ми каже, и тој ми рече дека ја нема Вања, не стигнала во училиште. Му понудив помош некако да се вклучам – сведочеше Ѓорчевски.
На прашањето на судијата дали преземал некакви дејствија, тој одговори дека е пензионер и не можел да преземе ништо освен што се јавувал на негови пријатели дапомогнат кој колку може. Се јавил дури и кај деловен партнер во Грција.
Во продолжение тој објасни дека Александар бил вработен со години наназад, но откако се сличило грабнувањето и убиството не работел никаде, па се издржувал од пензијата на родителите, кои помагале колку можат.
Потоа беше прашан дали Александар имал долгови и зависност.
-Немаше долгови. Имаше зависност, но се излекува па стапи во брак. Немаше никакви проблеми, вообичаени во младоста, се излечи, па се ожени – рече Зоран Ѓорчевски.
И мајката на Александар, Иванка Ѓорчевска рече дека синот бил зависник од дрога, но дека тоа било успешно завршено.
За грабнувањата и убиствата на Вања и Панче се обвинети четворица извршители – Љупчо Палевски Палчо како првообвинет, и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.
Сите обвинети за овие сурови злосторства се изјаснија дека се невини.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.