Татко спречен да го придружува своето дете: Детска клиника дискриминира, вујна и баба можат оти се женски пол


Фото: Б. Грданоски

Таткото кој бил спречен да го придружува своето дете во Универзитетската клиника за детски болести бил дискриминиран од болницата врз основа на пол, утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, јавува А1Он.

КСЗД утврди директна продолжена дискриминација врз основа на пол во областа на здравствената заштита, извршена од страна на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за детски болести, а претставката ја поднесе Македонското здружение на млади правници. Продолжената дискриминација се смета за потежок облик на дискриминација.

„При хоспитализација на дете во ЈЗУ УК за детски болести Скопје, таткото е спречен во можноста да го придружува своето дете поради праксата на ЈЗУ УК за детски болести Скопје дека придружувањето на детето во текот на вечерта е дозволено само за мајката, а во случај на спреченост на мајката, истото е овозможено само за роднини на хоспитализираното дете од женски пол (баба, тетка, вујна стрина итн). Со дискриминација по основ на пол, освен таткото на малолетното дете, се соочуваат и други родители на малолетни деца кои имаат потреба од хоспитализација во ЈЗУ УК за детски болести Скопје“, стои во објаснувањето на комисијата.

Клиниката за детски болести се изјаснила со оправдување дека како здравствена установа располага со ограничен буџет, имаат ограничени ресурси и простории за работа, кои не дозволуваат физички односно во различни простории да се поделат децата кои се со придружник мајка и децата кои се со придружник татко.

Од страна на ЈЗУ УК за детски болести исто така наведуваат дека и во ваква ситуација кога болничките соби се сместени повеќе лица во придружба со нивните мајки, за мајките би било несоодветно во истата соба да биде сместено и возрасно лице од машки пол имајќи предвид дека во истите простории придружниците поминуваат повеќе денови па истите користат тоалет и се пресоблекуваат.

Целиот текст ТУКА