„Тартиф“ од Молиер во режија на Егон Савин e најскапата претстава за 2024


Фото: Б. Грданоски

Претставата „Тартиф“ од Молиер во режија на Егон Савин од Србија, во продукција на Македонскиот народен театар (МНТ) со 29.260 евра (1,8 милиони денари) е најскапа претстава за 2024 година, според резултатите од конкурсот за Годишната програма за национален интерес во културата.

Култниот режисер Егон Савин е редовен професор на Катедрата за режија на Факултетот за драмски уметности во Белград.

Тој има режирано околу стотина претстави во сите значајни театарски куќи низ цела поранешна Југославија, како и во Унгарија и во Италија. Неговите претстави се играат насекаде низ светот, а добитник е и на голем број домашни и меѓународни награди за режија.

„Тартиф“ ќе му биде му е четврта режија во Македонија. Во средината на деведесеттите години Савин работеше на претставите „Злосторство и казна“ (Достоевски) и „Лаж и Паралаж“ (Стерија), поставени во МНТ – Скопје, а во 2019 година во Театар Комедија ја режираше претставата „Човек, ѕвер и Доблест“ за која се бараше билет повеќе. 

 

„Необична двојка“ на Нина Николиќ во Театар Комедија, со 19. 506 евра (1,2 милиони денари) е на второ место по висина на поддршка, а на трето  е „Ричард Трети“ на Куштрим Бектеши во Албански театар, со 18.908 евра (1 милион 165 илјади денари ).

 
Резултатите ги презентираше министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на прес-конференцја, истакнувајќи дека во системот се евидентирани 3.132 пријави.

За драмска дејност има 64 одобрени проекти, со буџет од над 600 илјади евра (над 37 милиони денари).