„Таргет Тврдина“ распределен кај судијата Илија Трпков


Фото: Б. Грданоски

Предметот „Таргет Тврдина“ е распределен кај судијата Илија Трпков, потврдија од Основниот Кривичен суд – Скопје за Телма, откако до нив пристигна одлуката на Апелациониот суд за поништување на првостепената пресуда за случајот во кој поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и поранешната министерка Гордана Јанкуловска, како и поранешни вработени во УБК и МВР се обвинети за злоупотреба со нелегално прислушување и масовно прекршување на човекови права.

Предметот е распределен на Судскиот совет кој го води судијата Илија Трпков затоа што претходните судии не се веќе во судскиот оддел за гонење организиран криминал (водечката судија е во друг оддел, а вториот судија е адвокат).

Трпков беше судија и на предметите „Организатори на 27-ми април“ во кој беше обвинет и Трајко Вељановски како собраниски претседател, „Плацови на Водно“ во кој обвинети се Орце Камчев и Сашо Мијалков и предметот за убиството на Тушевски во 2001, „Ровер“ за што беше обвинет некогашниот министер, Љубе Бошкоски.

Апелациониот суд најави дека анонимизираната одлука, решение за поништување на пресудата, ќе биде објавено на веб страната на судот.

Во врска со одлуката за „Тврдина таргет“, Судскиот совет утврди дека судијата-известител ги пречекорил сите временски рокови за одлучување со што целиот предмет е во опасност да застари.