Таравари за РТК: Во новата влада шест министри и претседател на Собранието ќе бидат Албанци


Фото: Б. Грданоски

Новата Влада на Северна Македонија ќе ја предводат Албанците со шест министри и претседателот на Собранието, изјави за РТК Арбен Таравари од коалицијата ВЛЕН, пренесе порталот Косово онлајн.

„Верувам дека една од трите главни функции на државата, односно претседателот на парламентот, ќе продолжи да биде Албанец и значителен број министри, особено за оние области каде што имаме експерти. Ние како партија ВЛЕН ќе ги именуваме“, рече тој.

Таравари изјави дека Собранието ќе се конституира на крајот на овој месец, а новата Влада се очекува во првиот дел на јуни.

„Планирано е конституирањето на Собранието да се случи некаде на крајот на овој месец, на крајот на мај, а во меѓувреме кон крајот на следната недела да имаме кадровски избори и програмата на Владата. Кога ќе се конституира парламентот, претседателот на државата мора да му даде мандат на следниот претставник. Во првата половина на јуни, сигурно ќе имаме нова влада“, вели тој.

Според Таравари, коалициските партнери се согласиле дека приоритет на новата влада е патот кон Европската унија, бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата и функционирањето на правната држава.