Таравари: ВЛЕН ги задржа сите позиции што ги имаше ДУИ во одбраната
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2024/08/Vlada-Taravari-3a-bg.jpg)
Министерот за здравство Арбен Таравари ги коментираше обвинувањата на ДУИ за намалување на застапеноста на Албанците во Министерството за одбрана. Во емисијата „Дијалог те Лајми“ Таравари рече дека ВЛЕН ги зачувал сите албански позиции во Министерството за одбрана од времето на ДУИ.
„Министерот за одбрана ми рече, ги имате сите позиции што ги имаше ДУИ. Инаку, немам замерка, ако имаш луѓе кои ги исполнуваат условите можеме да промовираме некои други. Во Министерството за одбрана тоа што го имаше ДУИ, тие позиции, тоа се луѓето, не можеме да ги смениме, некои исполнуваат услови, некои не, истите функции ги има ВЛЕН. За тие што одат во мисии, процентот што го имаше ДУИ го има и ВЛЕН“, рече Таравари.
Тој натаму тврдеше дека некои аналитичари се платени да ги навредуваат ВЛЕН и Курти, мислејчи и на Косово и на Македонија. Според него, аналитичар отворено му признал дека зборува според исплатата што ја добива и дека доколку му платат тие, ќе зборува во нивна корист. Тој додаде дека немаат ниту можност ниту потреба да платат. Според него, иако нема докази или документи кои го потврдуваат тоа, со тек на време многу работи излегуваат на виделина.
Не споменувајќи имиња, Таравари рече дека во Македонија има поединци кои покажуваат патолошка омраза кон ВЛЕН, бидејќи не се работи за обична критика, туку за постојана опсесија. Поради оваа причина, тој ги повика критичарите да укажат на конкретен случај кога правата за користење на албанскиот јазик или знамето биле прекршени.
Околу посетата на САД, за која имаше големи реакции во јавноста, Таравари рече дека не потрошил ни свои, ни партиски, ни државни пари, туку пари за неа обезбедил преставник на Алијансата за Албанците што живее во Тексас! Тој нагласи дека патувањето и сместувањето биле организирани преку „пријатели и претставници на Алијансата за Албанците во САД“, особено Адем Незири, кој живее во Тексас. Таравари објасни дека при неговата прва посета на САД останал само ден и половина, присуствувајќи на инаугурацијата, а потоа се вратил во својата татковина.
„Апсолутно не, ниту еден денар, со целосна морална одговорност велам ниту еден денар. Но, за среќа, таму имаме многу пријатели. Го имаме претставникот на Aлијансата во Америка, Адем Незири, а тој живее во Тексас. Има многу пријатели, има круг, но имаме и други пријатели. Значи не сме дале ниту денар, зборувам лично, не зборувам за други затоа што не знам. Првиот пат кога отидовме, останав ден и пол. Стигнав во неделата вечер, во понеделник беше инаугурацијата и половина град беше блокиран. Бевме во различни хотели и во вторникот наутро во 2 часот по полноќ имав авион и тргнавме. Невозможно беше да се сретнам со Зеќирија и Изет бидејќи тие беа таму, како и Африм. Тие беа во еден хотел, јас бев во друг хотел. Следниот ден се разбудив, се сретнав со професорот Едвард Јозеф, кој ми е многу добар пријател, секој пат кога одам, советите што ги добивам од него се извонредни. Го сретнав и во 12 часот тргнав на аеродром“, нагласи Таравари.
Таравари, зборуваше за односите меѓу косовскиот премиер Албин Курти и американскиот дипломат Ричард Гренел. Тој нагласи дека иако Гренел е личност блиска до поранешниот претседател Доналд Трамп, волјата на народот е таа што одлучува за изборите.
„Пред 7-8 месеци господинот Гренел беше во Македонија. Имав можност да го запознаам и разговаравме околу еден час. Тој има свои ставови. Го имавме Албин Курти за поддржувач на парламентарните и претседателските избори овде, имаме одлични односи. И сега односите меѓу премиерот на Косово и Гренел се меѓучовечка работа меѓу нив. Сега Гренел е на позиција. Тој е авторитет и близок доверлив човек на Трамп, но Албин Курти е човекот кој победува на изборите во Косово. Волјата на народот, како што велат старите Латини: Vox Populi, vox dai. Гласот на народот е гласот на Бога. Затоа мора да го почитуваме и да имаме точни извештаи“, потенцира Таравари.
Според него, некои центри во Косово, Македонија и Србија се обидуваат да создадат искривена перцепција за застапеноста на Албанците во институциите.
„Откако ги слушнав овие спектакуларни вести што ги прават одредени центри, кои се повеќе се координираат во политичките акции како извонредна пропагандна машина, мислам дека ова е стара југословенска школа која полека исчезнува. Но, тие функционираат и се обидуваат да создадат некакво убедување кај луѓето дека Албанците овде немаат ниту знаме, ниту јазик, дека институциите се испразнети од Албанци“, изјави Таравари.
„ДУИ често ги користи последните две години од власта за да создаде конфузија кај луѓето. Во последната година од владата на ДУИ-СДСМ бевме дел како Алијанса за Албанците и тоа беше невиден хаос. Не се знаеше кој јаде, а кој пие, функционираше како пазар, не беше влада. И да, точно е дека ДУИ го искористи тој период. Но, секогаш кога го анализирате владеењето на ДУИ, не заборавајте да го анализирате од 2002 до 2024 година. Исто така, анализирајте го периодот 2006-2016 година, кога ДУИ беше со ВМРО што имаше 57-62 пратеници. Погледнете ги тогаш позициите на ДУИ: помалку министри, помала застапеност на Албанците во институциите во споредба со ВЛЕН. И сега ВМРО има 58 пратеници и има многу посилна позиција од СДСМ со 44 пратеници, што зависеше од 15-те пратеници на ДУИ. Нам ни беше многу важно да го задржиме претседателот на Собранието“, заклучи Таравари.
Тој ги спореди периодите на владеење на ДУИ со сегашниот, нагласувајќи дека односите меѓу ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ се многу покоректни од оние меѓу ДУИ и ВМРО во минатото.
„Тие се неспоредливи со хаосот што се случи во 2023-2024 година со двете влади на Ковачевски. Имаше – кој и како ќе вработи, кој и како ќе работи. И ова не се споредува, ние не го споредуваме тој период. Ако го споредиме периодот 2008-2016 година на ДУИ, сега мислам дека односите ВЛЕН-ВМРО се многу покоректни отколку во периодот кога ВМРО беше со ДУИ. Не заборавајте, Цар Душан дојде во центарот на Скопје во периодот на ДУИ. Имаше бескрајни монтирани случаи, додека во овие 7-8 месеци немаше ниту еден таков случај. Во тој период се случија а мистериозни убиства. Не знам како господинот Ахмети ги убедил и со какво лице денес вели дека Албанците се дискриминирани“, заклучи Таравари.