Таравари вели дека уште нема предлог за влегување на Алијансата во Владата, а нема ни партиска одлука

Претседателот на Алијансата за Албанците ги отфрли прекорите од ВМРО-ДПМНЕ и рече дека добиле меѓународни совети да се протурка европската агенда


Фото: Б. Грданоски

 

Алијанса за Албанците денеска во Куманово ги избра новите раководни тела на партијата, но не донесе одлука дали партијата ќе учествува во Владата или ќе продолжи како опозиција. Таа одлука му е оставена на Претседателството на партијата. Претседателот на АА, Арбен Таравари, пред почетокот на Централното собрание, изјави дека досега немало предлог на премиерот Димитар Ковачевски за влез во Владата. Па, според тоа, ни за наводните две министерски места за кои се шпекулира – за правда и за здравство.

„Нема предлог. Тоа се шпекулации. Денеска првпат ќе зборуваме за тоа дали вреди да се разговара на оваа тема или треба да се прекине и треба да одлучиме да продолжиме како опозициска партија“, изјави Таравари.

Ќе се формираа комисија од три или петчлена коишто ќе има за задача да организира внатрепартиски референдум, низ ограноците. Требало да се разговара и за низа директорски места. „Ако не ја затвориме овде оваа приказна продолжуваме како опозиција“, рече Таравари.

По завршувањето на седницата Таравари рече дека имале плодна дискусија, дел од членовите биле за, некои против, а раководството на партијата ќе треба да ја донесе конечната одлука.

„Централното собрание го овласти централното раководство на Алијанса за Албанците евентуално да одлучи понатаму да има официјална екипа којашто ќе разговара следните шест-седум дена до максимум две недели за евентуално вклучување на Алијанса за Албанците во Владата или ако тоа продолжи повеќе евентуално да прекине и да донесе конечна одлука“, изјави Таравари.

„За кадровски решенија не зборувавме. Повеќе за програмскиот дел на што треба да внимава и да инсистира Алијанса доколку биде дел од Владата“, кажа рече лидерот на АА.

Фокусот на партијата останува антикорупцијата и правна држава.

Прашан за неговото лично мислење пред почетокот на седницата, Таравари рече дека има и позитивни и негативни страни, но бидејќи досега немало партиски тела, негова обврска е пред членовите на Централното собрание да ги соопшти информациите од остварените контакти. Како и за она што го разговарал со меѓународните претставници, како и оние од регионот. Според него, никаков фактор, ниту меѓународен, ниту домашен не може да се меша во Алијанса за Албанците, но најави дека ќе продолжи комуникацијата.

Тој ги отфрли прекорите од ВМРО-ДПМНЕ и нивните барања да каже кој бил тој „меѓународен фактор“.

„Јавно им кажувам нема право никој да се меша во одлуките на Алијанса за Албанците, ниту меѓународен фактор, ниту внатрешен фактор, ниту надворешен фактор. Меѓутоа, ние имавме комуникација со нив и ни е кажано дека европската агенда треба по секоја цена да се протурка, дека не треба да се брза со избори, а ние рековме и да сме во опозиција и да сме во Владата ќе ги гласаме уставните промени. Во некои моменти не е целта само доброто на партијата. Во одредени моменти битно е и процесот и обичниот граѓанин, тој што не е ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ, ниту Алијанса, ниту ДУИ, така што треба да донесеме одлуки коишто се битни за државата и за граѓаните“, нагласи Таравари. 

Беа избрани членовите на раководните тела на Алијанса за Албанците. Претседател на Централното собрание е бившиот лидер на Алијанса, Зијадин Села,  генерален секретар е Кренар Лога, организациски секретар, Исен Шабани.

Тројцата потпретседатели се Елми Азири, Илире Даути и Бујаре Абази. (Н.В.)