Таравари се жали дека власта секој ден им праќа инспекции


Во последните три недели нема ден, а да нема некоја од државните инспекции во општините во Полошкиот Регион, поконкретно во Гостивар, Врапчиште и Боговиње, вели градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.

Тој на денешната прес-конференција обвини дека старо-новата влада на СДСМ и ДУИ му врши притисок врз работата и ѝ порача да се фокусира на вистинскиот криминал, а не во општините каде што раководи Алијансата за Албанците.

„Ние очекувавме од новата влада денеска да каже каде е куферот на Боки со не знам колку пари. Очекувавме да се расветли и случајот на Ден Дончев или ‘Маѓар телеком’. Очекувавме дека можеби ќе ги расчистат случаите со каубојите на ДУИ кои пукаат по свадби. Но, ништо од тоа, целата Влада е концентрирана во општините каде што е Алијансата за Албанците“, рече Таравари.

Тој вели дека не се буни затоа што му доаѓаат инспекции, но бара тоа да се случува во сите општини, а не селективно.