Таравари очекува поддршка од опозицијата да почнеме преговори со ЕУ
Оптимизмот не го напушта министерот за здравство Арбен Таравари кога станува збор за почнувањето преговори со ЕУ. За тој оптимизам Таравари очекува поддршка од опозицијата, затоа што владејачкото мнозинство било проевропски ориентирано.
„Јас сум оптимист дека ќе имаме меѓусебна соработка и знам дека владејачкото мнозинство е проевропски ориентирано. Тоа ме уверува дека наскоро ќе се отпочне со евроинтеграциските процеси“, одговори Таравари на новинарско прашање за време на неговата посета на болницата во Гостивар.
Таравари очекува поддршка и од опозицијата и уверен е дека сите албански партии ги поддржуваат уставните измени и оти никој од нив не би гласал против.
„Сметам дека наредната 2025 година ќе ги отпочнеме преговорите со ЕУ“, рече Таравари.
Тој посочи дека актуелното државното раководство е насочено кон евроинтеграциите.
„Ме радува тоа што го слушнав во говорот во обраќањето на претседателката во парламентот, дека Македонија нема друг пат освен европскиот, а истото го повторува и премиерот. Сметам премиерот е во право кога бара некаква гаранција од Вашингтон, Брисел и Софија дека ова ќе биде последно условување“, нагласи Таравари.