Таравари очекува Курти да остане на власт во Косово
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/таравари.webp)
Министерот за здравство Арбен Таравари и лидер на дел од Алијанса за Албанците ги оцени како добри резултатите што ги освои Движењето Самоопределување, на актуелниот премиер Албин Курти на парламентарните избори во Косово и изрази очекување дека тој ќе ја предводи идната влада самостојно или во коалиција со некоја од партиите кои влегуваат во Парламентот.
-Добри резултати, околу 42-43 проценти, плус треба да се избројат гласовите од дијаспората. Очекувањата нивни се околу 45 проценти, и се надевам дека ќе направат самостојно влада. Но и да не направат, мислам дека со коалицирање најверојатно г. Албин Курти (ќе ја предводи владата), бидејќи има доверба највеќе од сите. Втората и третата партија заедно имаат помалку гласови отколку г. Курти. На Косово му е потребно г. Курти да продолжи уште четири години со владеење, рече Таравари на новинарско прашање за коментар за изборните резултати во Косово по пуштањето во употреба на новата компресорска станица за хируршките клиники.
Според најновите податоци на косовската Централна изборна комисија, врз основа на повеќе од 88 отсто преброени гласови, на вчерашните избори за Парламентот води Самоопределување на Курти со 41,29 отсто од гласовите. На второ место е Демократската партија на Косово со 21,83 отсто, а на трето е Демократската лига на Косово со 17,74 отсто од гласовите. На четврто место е Алијансата за иднината на Косово со 7,68 отсто од гласовите.
Изборниот ден, кој помина без никакви инциденти, остана во сенка на неуспехот на Централната изборна комисија да ги објави изборните резултати за политичките партии во реално време. Иако, новиот Изборен закон предвидуваше прелиминарните резултати на партиите да бидат објавени во рекордно време, тоа не се случи.
За да формира влада, Самоопределување предводено од Курти, ќе треба да обезбеди 61 пратеник во косовското Собрание и засега останува отворно со која од политичките партии кои влегоа во Парламентот ќе коалицира.