Таравари не се откажува од идејата за академија на Албанците, Владата се подели
„Идеите кои се за наука и за уметност се добри и убави“, вели Таравари. Но така не мислат од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, и од СДСМ
Идејата за формирање на академија на науките и уметностите на Албанците во Македонија ја подели и владината коалиција и општеството.
Челниците на коалицијата „Вреди“ не се откажуваат од таа идеја која произлегла од четири општини. Министерот за здравство, Арбен Таравари, вели дека тоа била нивна програмска определба.
„Немаме несогласувања, ова ни беше програмска определба. Секогаш идеите кои се за наука и за уметност се добри и убави, така што засега има иницијатива од четири општини, и јас се надевам дека ќе изнајдеме решение кое ќе биде прифатливо за сите кои живееме во Македонија“, изјави Таравари. Тој додае дека целта на оваа иницијатива не била науката да се етнизира.
„Никогаш науката не се етнизира, таман работа. Ние имаме повеќе универзитети, ќе имаме повеќе институции кои занимаваат со наука и уметност и треба да ги развиваме и да ги поддржуваме овие институции. Да дадеме максимум сите од себе што повеќе науката и уметноста на сите етнички заедници да се развиваат што подобро во земјава“, кажа Таравари.
Изминатиот викенд претставници и лидери на партиите кои ја сочинуваат коалицијата „Вреди“ викендов имаа средба со здружението за создавање ваква академија.
За ова иницијатива негативно се изјаснија СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, ДОМ.
МАНУ треба да остане единствена институција во која членуваат реномирани научници од сите етнички заедници. МАНУ исто така треба да биде институција која не смее да се партизира или да се злоупотребува од страна на поединци за дневно-политички потреби, рекоа од СДСМ.
„Јавноста треба да знае што ветил Мицкоски ветил пред формирањето на владата во однос на ова барање на ‘Вреди’? Ова не е прв пат ‘Вреди’ и нејзините лидери да ја споменуваат aлбанската академија како проект, но Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ упорно си молчеа. Најголемите патриоти Мицкоски и Димитриевски заради комотна позиција во власта изгледа се првеле глуви на овие барања на ВЛЕН, а сега се обидуваат да поентираат со некакво неприфаќање“, посочуваат од СДСМ и додаваат:
„Прашање е само што ќе биде цената за тоа и дали под маса има испорачано друго барање доколу академијата не помине“.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека неговиот став е на иста линија со партискиот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Иднината не е во поделби, туку во обединување. Ценам дека треба да се развиваме во оваа насока. Ние имаме искрена соработка со сите коалициони партнери, со ‘Влен’ и со ЗНАМ и во овие пет недели откако сме нова влада имаме принципиелна соработка“, рече Мицкоски.
Според Мицкоски, меѓу владините партнери има различни ставови, но тие се дискутираат на заедничка маса.
„Ние не мора да се согласуваме за сите работи. Прашањето е да се согласуваме за мнозинството работи. Сите ние сме посебни индивидуи, посебни политички партии и логично е за одредени теми да имаме различни ставови, но во еден внатрешен дијалог, во еден процес на внатрешна дебата тие недоразбирања треба да се надминуваат доколку има простор за надминување“, кажа Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ вчера изјави дека „Македонската академија на науките и уметностите е единствената институција која ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници.
Како критериум за членството во Академија на науките не може да биде етничка или политичка припадност, туку научните достигнувања и придонесот во општеството. Науката не е нешто кое треба и може да се политизира и етнизира.
Политизирањето на науката може да доведе до субјективност и пристрасност во истражувањата, што ќе го загрози нејзиниот кредибилитет и квалитет“.
Партијата ДОМ оцени дека иницијативата на „Вреди“ не води до интеграција и создавање на граѓанско општество со еднакви можности за сите, туку до поголема сегрегација.
„Улогата на МАНУ е да се промовира и негува науката и научните достигнувања како универзална вредност, која ги обединува сите етникуми не осврнувајќи се на политичките чинители во одреден момент“, велат од партијата.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, чија партија ЗНАМ е дел од владата порача дека науката не смее да се етницира.
„Науката не смее да се политизира ниту пак да се етницира, таа има своја генеза и континуитет. Вквите обиди и идеи се резултат на постизборен популизам. Во Македонија постои МАНУ како една и единствена академија која им припаѓа на сите и никаков паралелизам не е дозволен“. Тој побара од партнерите во власта од „Вреди“ да се свртат кон економски раст и развој на државата, подобар живот на сите граѓани на Македонија.
Поранешниот претседател на МАНУ, академикот Владо Камбовски, се изјасни против идејата за основање на aлбанска академија на науките и уметностите. Тој рече дека постоењето на таква институција во една држава е невозможно.
„Во една држава не може да има две национални академии. Во ниту една држава во светот не постојат две национални академии на науките и уметностите. Возможно е да се формираат, на пример, здравствени здруженија, но невозможно е да има две национални академии“, изјави академик Камбовски за ТВ 24.
ДУИ им се потсмева на владините партнери од „Вреди“: „Така се случи со Музејот на слободата, Детскиот театар и десетици други општински импровизации кои служеа за општинска манипулација. Наместо да го преземат претседавањето со државната академија за науки и уметности, да создадат простор за повеќе академици, да гласаат за законот што го предложивме додека го блокираа со ВМРО за правична и соодветна застапеност во МАНУ, тие дојдоа до ‘голема општинска идеја’ што уште повеќе ги понижува Албанците. Граѓаните црвенеат од вашиот срам“, пишува во реакцијата на ДУИ. (Н.В.)