Таравари на тајни средби кроеше тајна политика, обвинува Села


Фото: Б. Грданоски

 

Поранешниот лидер на Алијансата за Албанците, Зијадин Села од општи зборови премина во дирњектни напади против претседателот на партија, Арбен Таравари, обвинувајќи го го за тајни средби со политички актери без никој да знае во партијата.

„Таравари реши годинава да ги заобиколува партиските тела, не доаѓаше на состаноци, а одеше на тајни средби со други лидери без при тоа со него да отиде и друг член на раководството на партијата. Покажа детско однесување што не доликува на лидер. И, почна да прифаќа директиви од надвор“, рече Села во гостувањето на ТВ Клан.

Според него, скандалозно било тоа што Таравари на средбата со косовскиот премиер Албин Курти отишол сам, без ниту еден член на претседателството на АА. „Но додека дишам, нема да дозволам Алијанса да дејствува под директива. Ние сме сериозна партија. Самостоен настап на АА не значи дека им помагаме на ДУИ. Која е таа логика? Од друга страна, Таравари имал и преговори со ДУИ“, рече Села.

Тој раскажа дека пред Нова година имал средба со Таравари во скопската клиника откако директори му јавиле дека тој е таму.

„Седнавме јас и тој на една маса. Ми кажа декка имал средба со Али Ахмети, но и дека ќе разговарал со опозицијата. Во разговорот почна да навива за понудата од ДУИ. Реков дека со Ахмети не сум разговарал за да му одговорам на тоа што ми кажа“, рече Села.

Тој додаде дека коалиција со албанската опозиција не гарантира промени и останува на ставот дека е најдобро АА самостојно да се натпреварува на изборите.

„Перење на мозокот е дека ако самостојно одиме на избори ѝ помагаме на ДУИ. Има ли некој што верува дека е политичка промена изборен настап со Изет Меџити, кој беше така долго во самото раководството на ДУИ“, рече Села.

Тој уште си припиша кредит дека политички го воспитувал Таравари.

„Во 2016 година никој политички не го познаваше Арбен Таравари. Во 2014, 2015 година кога го започнав Движењето за реформи во ДПА, го поставив за генерален секретар. Во 2016 година беше втор на листата за пратеник во изборната единица број 1. Загуби. После тоа го направив министер за здравство, напредуваше“, рече меѓу другото Села, додавајќи дека на локалните избори во 2017 година, токму Села коалицирал со Беса за Таравари да стане градоначалник на Гостивар.

Оваа недела, на 18 февруари, треба да се одржи итен конгрес на Алијансата за Албанците на кој ќе се расправа за иницијативата на Централното собрание за разрешување на Арбен Таравари.