Таравари: Македонија има позитивно искуство со УСАИД


 Впечатокот за УСАИД во Република Северна Македонија е позитивен, изјави министерот за здравство и еден од лидерите на ВЛЕН, Арбен Таравари, во своето интервју за Гласот на Америка.

„Како градоначалник на Гостивар имавме голем број проекти реализирани преку УСАИД, главно проекти за градинки и училишта. Имаше кредибилни и сигурни проекти кои ја поддржаа многу Северна Македонија. Но, не знам што ќе се случи понатаму и верувам дека ќе има влијание врз нас. УСИАД даде извонреден придонес, зборувајќи за капиталните инвестиции направени во образованието, но и во други области на Балканот“, рече Таравари.

И покрај тоа, смета тој, секоја држава треба да се потпр е ба сопствените капацитети пред се.

„Целата помош што дојде од УСАИД е добро примена. Но, секоја држава мора да се потпре на сопствените сили и капацитети што ги имаме како држава и верувам дека оваа влада има такви капацитети и наскоро ќе започне со сериозни и радикални промени во обвинителскиот систем и во правосудниот систем“, рече Таравари.

Тој одговори на обвинувањата на опозицијата за мешање во правосудниот систем, велејќи дека новата влада не го прави тоа.

„Досега имаше само истраги за некои поранешни функционери. Имаме случај кога поранешниот вицепремиер Артан Груби беше ставен на црната листа од САД затоа што се мешаше во Судот и Обвинителството. Практично, негова интервенција резултираше со ослободување на Сашо Мијалков, поранешен шеф на македонските служби и човек кој беше многу негативно познат меѓу Албанците во периодот на Груевски меѓу 2008 и 2016 година. Овој човек денеска е слободен и слободно шета, благодарение на помошта што ја доби од Артан Груби. Откако Груби се најде на црната листа, судот отвори уште еден случај за дотичниот“, рече Таравари. Тој на крајот додаде дека ДУИ е партија која е во владата 22 години и има четири високи политички фигури на црната листа на САД , така што нема партија на Балканот која има толку голем број на фигури на црна листа на САД.

 Таравари исто т ака рече дека уставните измени и почетокот на преговорите со Европската унија се апсолутен приоритет на Владата. Тој потсети дека премиерот со неговата партија на власт има 58 пратеници и јасно е дека без неговата партија нема уставни амандмани.

„Мицкоски јавно и јасно кажа дека е заинтересиран за што поскоро отпочнување на преговорите со ЕУ, но бара Северна Македонија да нема други услови во текот на преговорите кои се во тек. Се смени знамето, па името, сега имаме барање од Бугарија да внесеме Бугари во преамбулата на македонскиот Устав. Тоа не е проблем за премиерот и го прифаќа како услов, но сака гаранција дека тоа е конечниот услов за Македонија во текот на преговорите за пристапување“, рече Таравари.

Тој додаде дека во 2017 година, кога Зоран Заев го смени името и влезе во НАТО, тоа беше џиновски чекор за Македонија кон евроатлантските интеграции, но неговите очекувања биле дека Македонија веднаш ќе ги започне преговорите со ЕУ. 

Инаку, Ричард Гренел, претставник на Трамп за специјални мисии, тврди дека „милијарди долари се дадени на левичарските невладини организации“ за спроведување на политиките во други земји. Гренел на социјалната мрежа Х објави колку точно пари наводно потрошила американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) во земјите од Западен Балкан, нарекувајќи го „непромислено трошење“.За Косово според него биле издвоени 537 милиони долари, за БиХ 402, за Србија 209 милиони долари, а за Македонија – 290 милиони долари.