Таравари го разреши Арбен Фетаи од партиската функција, најави соработка и со ДУИ и со ВЛЕН


На вонредното собрание на Алијансата за Албанците  од  крилото на Арбен Таравари беше разрешен шефот на собранието на партијата, Арбен Фетаи. Состанокот на собранието, како што рече Таравари, го иницирале 2/3 од членовите, а доаѓа неколку дена откако дел од високите функционери на оваа партија се спротивставија на неговата одлука да ја напушти Владата и коалицијата. За нов претседател на собранието на АА е избран Назим Таипи.

„Исклучивме и некои членови на претседателството кои веќе јавно се изјаснуваат против Алијансата за Албанците,. Членовите на претседателството кои беа избркани се вкупно 8 од 46 членови на Централното претседателство, така што тоа продолжува со мнозинството членови, а собранието со апсолутно мнозинство во Централното собрание. За Мимоза Муса одлуката не беше донесена, бидејќи не беше добро дефинирана пораката, дали останува со Алијансата за Албанците или  останува со ВЛЕН, немаме јасна порака“, рече Таравари.

Оцени дека партијата сега била почиста, бидејќи според него, оние што ја напуштиле не мислеле на народот. Таравари во моментов работи само со тројца пратеници, откако и пратеничката Мимоза Муса најави дека ќе остане дел од коалицијата ВЛЕН во Владата.

„По заминувањето на оние кои беа заинтересирани само за власт, Алијансата за Албанците ќе расте силно и ќе стане водечка политичка сила во иднина“, изјави Таравари. 

Таравари најави дека на собранието била потврдено одлуката партијата да ја напушти владата и да се кандидира сама на локалните избори во октомври. Таравари вели  дека на локалните избори ќе соработува и со ДУИ и со ВЛЕН.

„Во Битола, во Кичево, во Брвеница, во Чашка, во Преспа, во Бутел ќе соработуваме и со ДУИ и со ВЛЕН бидејќи само така можеме да им помогнеме на Албанците и тоа е од албански интерес, во другите општини гледаме….Не исклучуваме соработка со која било опозициска политичка партија“, рече Таравари.