Села свика Собрание на АА, ќе се бара одговорност од Таравари


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на Централното собрание на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, вечерва на прес-конференција во седиштето на партијата во Тетово најави дека свикува седница на ова партиско тело за в сабота на која ќе се бара одговорност за претседателот на партијата, Арбен Таравари.

Села изјави дека и покрај одлуката на партиските органи да се оди самостојно на парламентарните избори, Таравари решил да оди спротивно на ова по вчерашната објава на Фејсбук во која побара поддршка за АА да оди на избори заедно со опозициските партии на Албанците.

„Со статутот на партијата, индивидуа, без разлика дали е претседател на партија или било која функција да ја извршува, не може да носи одлуки. Тој може само да предлага. Органите кои носат одлуки се колективните органи, како што е Централното Претседателство на партијата“, порача Села.

Со ова поранешниот лидер и актуелен претседателот на Централното собрание на Алијанса за Албанците Зијадин Села објави дека е против одлуката на партискиот претседател Арбен Таравари АА да се приклучи на албанскиот опозициски фронт на претстојните избори.

Села смета дека партијата треба да оди самостојно на избори, а конечната одлука да ја донесат партиските тела.

Села ги отфрли пишувањата на социјалните мрежи дека  има понуди, порачувајќи дека „Алијансата на Албанците не се продава“.

„Не е на пазар, а не може никој, без да знае и која е цената, да ја продава. Затоа нашиот последен став што го имаме во партијата, во Централното претседателство на партијата, е дека Алијансата на Албанците оди сама на избори“, потенцира Села.

Претходно, МИА јави дека откако претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари вчера јавно побара партиските органи да донесат одлука за настап со албанската опозиција на претстојните избори, за 24 часа биле собрани потписи за поддршка од 80 од вкупно 133 члена колку што брои Собранието на партијата.

– Иницијативата на претседателот Таравари доби поддршка од мнозинството собранија на АА. За 24 часа доброволно се собрани 80 потписи на Собранието од вкупно 133 колку што брои Собранието. Поголемиот дел од Собранието на Алијансата за Албанците е јасно за сигурна промена. Претседателот Таравари повикува на мудрост, зрелост и единство, за ДУИ конечно да биде испратена во опозициа. Промената доаѓа, се наведува во објавата на Фејбсук на АА.

Претседателот на партијата Арбен Таравари синоќа објави дека АА ќе се приклучи на албанскиот опозициски фронт. Таравари доби поддршка од министерот за здравство Фатмир Меџити, а му се спротивставија поранешниот прв човек на партијата Зијадин Села, министерот за правда Кренар Лога и потпретседателката на АА Илире Даути. Тие го обвинија Таравари дека тој како поединец не може да одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.