Таравари: Бараме широк консензус за одржување на претседателски и парламентарни избори заедно
Лидерот на политичката партија Алијанса за Албанците, Арбен Таравари пред почетокот на денешната лидерска средба изјави дека имаат синхронизирани позиции со партиите од Владата, а на средбата ќе бараат широк консензус за одржување на претседателските и парламентарните избори заедно.
-Нашите позиции се синхронизирани со партиите од Владата. Значи, сега бараме широк консензус за одржување на претседателските и парламентарните избори заедно, кои би се одржале некаде кон крајот на април или почетокот на мај, изјави Таравари пред Собранието.
На прашање дали остануваат во Владата, Таравари одговори дека за сега остануваат и оти нема да дозволат да има дестабилизирање додека има шанси да се случат уставни промени.
-Засега остануваме во Влада. Така ќе биде до моментот кога ќе видиме дали уште ќе постојат шанси се евентуални уставни промени. Ако не, ќе треба да разговараме во партиските тела и да донесеме одлука. Меѓутоа, во едно нешто сме сигурни, а тоа е дека нема да дозволиме да има дестабилизирање во Владата додека има шанси да се случат уставни промени, потенцираше Таравари.
Прашан дали е одлучено СДСМ, ДУИ и Алијанса да одат заедно на избори, Таравари рече дека нема никаква одлука.
На новинарско прашање дали останува на позицијата нивниот членот на ДИК да биде од кај нив и дали имаат поддршка од СДСМ, Таравари одговори дека за член на ДИК одлучува народот на избори.
-За член на ДИК одлучува народот на избори, кои партии земаат најголем број на пратеници. Алијанса за Албанците имаше осум пратеници и имаше член во ДИК. Изет Меџити беше дел од ДУИ од тогаш и ДУИ сега има член на ДИК. Билал Касами беше со СДСМ на иста листа и СДСМ има член во ДИК и господинот Африм Гаши беше со нас и нашиот претставник е претставник на Алтернатива во ДИК. Не знам дали ова прашање ќе се отвори на лидерската средба, но доколку се отвори, ова е нашиот став, рече Таравари.