Танц Фест прослави роденден во МНТ- новите танчери ја воодушевија публиката


Фото: Д. Перковски

 Фестивалот Танц Фест синоќа во Македонскиот народен театар одбележа 18 години постоење.

Фестивалот почна во 2005 година и од тогаш на сцената продефилираа повеќе илјадници уметници од целиот свет. Скопската, но и публиката во Велес, Битола и Штип имаше можност низ годиниве наназад да проследи врвни уметнички компании од Амстердам, Њујорк, Пекинг, Париз, Лисабон, Љубљана, Истанбул, Анталија. Претстави од цела Европа, но и САД и Кина. Танц Фест Скопје помогна во развојот на македонската современа сцена и пласман на млади уметници, танчери, кореографи.

Фото: Д. Перковски

Роденденската програма ја промовираше младата компанија, Скопје танцов театар 2, со нови танчери Сара Димоска, Јоана Благадуша, Андреј Димоски, Клара Христова, Микаела Ангела Глигиорова, Викторија Коцева, Стефани Шааршмит и Емилија Милак, сите студенти на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“, кои го изиграа „Котел“ на Рисима Рисимкин. Потоа следеше „Go Figure It Out“ на Адријана Данчевска, во кој настапија Дејан Битровски, Стефани Шааршмит, Викотрија Коцева, Андреј Димоски и Сара Димовска.

За крај на вечерта Скопје танцовиот театар ја изигра претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“, која минатиот месец имаше можност да ја види и париската публика, за време на изведбите во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Франција и која доби извонредни критики. На сцената настапија Анастасија Данчевска, Сара Цветковска, Адријана Данчевска, Бобан Русески, Дејан Битровски, Викторија Коцева, Андреј Димоски, Стефани Шааршмит и Емилија Милак. Публиката со огромни аплаузи ги награди танчерите за изведбите.

Пред почетокот на претставата балерината и короеграф, уметнички раководител на Балетот при НОБ, Олга Панго ја прочита македонската порака за Меѓународниот ден на танцот, чиј автор е таа, информираа од Фестивалот Танц Фест. 

Вечeрва во 20 чaсот, на сцената на Дом на Арм, во рамки на фестивалот Танц Фест Скопје 2022 ќе биде изведена претставата „Егзодоус“ на кореографот Ено Печи со Косовскиот балет. 

Во претставата настапуваат Фатмир Смани, Вјолца Лугиќи, Фисник Смани, Сеа Вуниќи, Теута красниќи, Мухамет Бикалиќи, Јета Мусоли, Мимоа Шала, Мергиме Морина и Аулоне Нихиу