Танц Фест 2020: Маратон со домашни и интернационални кореографи и танчери


Под мотото „Потрага по допир“, на почетокот на септември ќе се одржи најновото издание на реномираниот Танц Фест 2020, но и ќе се одбележат 30 години современа македонска танцова сцена со учество на македонски и американски уметници.

Програмата е поддржана од Министерството за култура, Град Скопје, Американската амбасада во Скопје, како и долгогодишните партнери на фестивалот.

Уметничкиот директор на фестивалот, Рисима Рисимкин истакна дека целата програма ќе се пренесува онлајн и се надева оти во програмата ќе ужива нова, поширока домашна но и интернационална публика.

-Исклучително сум задоволна, што и покрај целата ситуација, успеваме да го организираме Танц Фест, кој годинава ќе се одвива под мотото „Потрага по допир“ и се надевам дека нашата публика ќе ужива во современите танцови креации на македонски и американски уметници. Со цел да го намалиме ризикот од можни компликации во однос на КОВИД-19, се одлучивме за Танцов маратон, што за нас, во организација е исклучително напорен потфат, но сепак сакаме да ѝ го дадеме најдоброто на нашата публика, додаде Рисимкин.

За првпат годинава фестивалот во својата програма има фокус на една земја, односно започнува со програмата „ФОКУС:САД“ во која ќе бидат претставени пет реномирани американски кореографи.

Оваа програма се одржува во соработка со официјалниот партнер на фестивалот, американската фондација „American Dance Abroad“ со седиште во Њујорк и е поддржана од Американската амбасада во Скопје.

 

-Дел од кореографите ќе бидат присутни во Скопје: Меган Бриџ, танчерка, кореографка и продуцентка којa работи и твори во Филаделфија, ко-директор на „Фиџет“, платформа на која соработува и која заеднички ја развива со композиторот, дизајнер и музиколог Питер Прајс и Кристин Бонанси, американско-европска танчерка и кореограф, со дваесетгодишно меѓународно искуство во конципирање, режија и кореографија и изведување дела базирани на движење, уметнички директор на компанијата Кристин Бонанси, основана во 2010 година. Дела на познатите кореографи Стивен Петронио, Шамел Питс и Даг Верон ќе се прикажат во рамките на фестивалот онлајн, посочуваат од фестивалот.

Оттаму наведуваат дека ударниот дел од програмата на фестивалот ќе се одржи во живо, во форма на Танцов маратон на 4. и 5. септмеври на отворената сцена на Танц Фест 2020 во парк МКЦ, додека другиот дел публиката ќе може да го проследи онлајн, преку Јутјуб каналот на Танц Фест, а воедно и на неколку регионални и национални телевизии.

-Манифестацијата ќе прикаже петнаест кореографии, покрај веќе споменатите американски кореографи, учество ќе земат и домашните уметници: Адријана Данчевска, Валентино Апостоловски, Ивана Коцевска, Дејан Битровски, Ивана Балабанова, како и апсолвентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Бобан Русески, Тереза Лазарев и Сара Цветковска во соработка со студентите дизајнери Катерина Димитровска и Магдалена Димковска, кои костимите ги создаваат под менторство на професорката и дизајнерка Лидија Георгиева, од ТМФ, УКИМ, наведуваат од фестивалот.