„Танц фест 2019“ со мото: „Идентитети што не смеат да се пропуштат!“


Јубилејниот „ Танц Фест“ ќе се одвива на повеќе сцени во Скопје. Свеченото отворање е на 4 април во 20 часот. Ќе биде доделена наградата „Менада“  за врвни остварувања во областа на танцот, а фестивалот ќе се отвори со претставата насловена „Идентитети“ на Скопје танцовиот театар.
Во програмата понатаму следи Интернационалниот натпревар за млади кореографи, ТАНЦЛАБ , на кој, покрај наши, ќе учествуваат и селектирани млади кореографи од Франција, Холандија, Израел, Русија, Италија и Полска. Танцлаб ќе се одржува на сцената на Младинскиот културен центар на 5 април (полуфинале) и 6 април (финале) во 20 ч.

На 9 април следи гостувањето на Кодартс, од Ротердам, Холандија со претставата под наслов „Таленти во движење“, програма која прикажува кратки кореографии на извонредни светски кореографи, меѓу кои и на нашата кореографка Адријана Данчевска, која изминатиот период работеше во Холандија.
На 10 април на сцената на Младинскиот културен центар ќе го видиме „Проширување на објективот“ со настап на млади танчери, студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ како дел од Скопје танцовиот театар, како и Инкубатор млади уметници и гости танчери од Швајцарија и Италија.
На 16 април на сцената на МНТ во 20ч, ќе се одржи премиерата на Скопје танцовиот театар со програмата: „Луцидниот Јос“ на Дејан Битровски и „Скеч“ на Адријана Данчевска“.

За прв пат годинава Танц Фест ќе има програма во ноќниот клуб Сектор, со цел да се приближиме кон урбаното живеење во градов. Ќе бидат изведени две претстави, на 18 април, 21ч., „Фенси сме“ со млади уметници, и на 20 април, 21ч., „Адријана Данчевска и Скопје танцов театар“, авторска вечер на младата короеграфка Данчевска.
Од 18 до 21 април, на сцената Зебра, ќе се одвива програмата наменета за деца „Танцуваме со Виталија“ во која ќе учествуваат деца од тука и од Холандија.
Фестивалот ќе се затвори на 23 април, со претставата „Секвенци – Минато, Сегашност, Иднина“ на ЗЈЦМ од Ханџо, Кина.
Во рамките на фестивалот за прв пат ќе биде доделена и наградата „Менада“ за млад уметник, како поттик и признание за младите уметници.
Фестивалот годинава, се уште не ја доби вистинската поддршка за одбележување на јубилејното издание, но се одржува со поддршка на Министерството за култура, Град Скопје, Хоалндската амбасада, Францускиот институт во Скопје, како и нашите долгогодишни партнери и голем број медиумски покровители.