Тамара, Зоки Бејбе и Ивана Драгшиќ меѓу настапувачите на Парадата на гордоста


За првпат во Македонија, на 29 јуни ќе се одржи Парада на гордоста. Организаторите од ЛГБТ-центарот велат дека ја имаат потребната поддршка од институциите за безбедноста во реализацијата. Тие ја најавија целосната програма и сè што ќе се случува тој ден.
„Евидентни беа обидите со омраза да се засени пораката за еднаквост и да се потцени можноста за зголемување на свесноста за хомофобијата, трансфобијата и бифобијата. Но и покрај тоа, добивме голема поддршка и многумина нè контактираат да ни кажат дека ќе дојдат со нас на 29 јуни, да го изодиме маршот во спомен на сите борци за човековите права на ЛГБТИ- заедницата во минатото. Со поддршка на сите маргинализирани групи и борци за човековите права во оваа дестабилизирана сегашност и со идеја за општество каде што сите ќе се еднакви и за идните генерации“, рече Кочо Андоновски од Организацискиот одбор на првата Парада на гордоста во Скопје.
Претставниците и поддржувачите на Парадата на гордоста в сабота во 11 часот ќе се состанат во паркот Жена борец во Скопје. Маршот ќе започне точно напладне. На самиот настан учесниците ќе добијат алка од „Скопје прајд“, со која секој ќе може слободно да се движи во и надвор од определениот простор.
Јована Јовановска, дел од организацијата, посочи дека крајната точка е Школка во Градскиот парк, а низ програмата водичи ќе бидат дрег-кралиците Линда Социјалиста и Каја Мор. Покрај предвидените обраќања, ќе има и музичка програма во која ќе учествуваат: Тамара Тодевска, Принцез Донатсу и диџеите Ивана Драгшиќ, Зоки Бејбе, Ири Скреч, Ана Мало и Узун Баба.
„Во организација на Парадата на гордоста ја имаме поддршката од извршната и законодавната власт, имаме најава дека дел од министрите и пратениците ќе учествуваат на самиот настан, а свое обраќање ќе има министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска. Нашите пријатели и пријателки, активистите и активистките за ЛГБТИ-права од Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора исто така ќе учествуваат, а дел од нив и ќе се обратат на насобраните присутни во Градски парк.
„’Скопје прајд’ е сигурен и безбеден настан за сите, па ги повикувам ЛГБТИ- луѓето, поддржувачите и сите граѓани и граѓанки кои се залагаат за еднаквост и инклузивност да ни се придружат“, изјави Антонио Михајлов од организацискиот одбор.
Министерството за внатрешни работи во изминатиот период потврди дека ќе ги преземат сите механизми за настанот да биде безбеден за сите учесници. Во таа насока, на прес-конференцијата се обрати и портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски, кој нагласи дека се преземаат сите мерки за сè да помине во најдобар ред и дека МВР ќе санкционира какви било инциденти.