Тамара заминува на Евросонг: Ќе славиме во Скопје


Опуштена, полна со енергија, и со вита линија заминува утре наутро Тамара на Евросонг во Тел Авив, Израел, каде ќе ги брани боите на Северна Македонија.

На денешниот официјален прес на евровизискиот тим на поп-ѕвездата среќа и посакаа фановите, колегите и новинарите, со сино вино, колачи и маици „Proud“ каков што е насловот на нејзината моќна балада.

-Знаев дека ова ќе ми се случи, ама не знаев кога. Сѐ што поминав, сега има смисла, на вистинскиот човек, на право место му се случи вистинска песна. Имам супер песна и супер тим околу себе, ќе славиме во Скопје, изјави Тодевска.

Во Израел заминува со новата другарка „Ребека“ која ќе се погрижи за накитот, а во публиката во „Експо центарот “ ќе ја бодрат другарките. Семејството ќе навива за неа  покрај малите екрани, сестра ѝ Тијана ќе ја чува ќерка ѝ Хана, а синот Дарен заедно со сопругот Александар ќе ја гледаат во Гевгелија.

Тамара на црвениот ќилим, на отварањето, ќе блесне во црна тоалета на дизајнерот Ношпал, а на сцената во смарагдно зелен фустан, исто така, дизајн на Ношпал.

Нашата евровизиска претставничка  в вторник ќе ја има првата проба (и уште две, пред полуфиналето на 16 мај) со песната „Proud“ на сцената на „Експо центарот“  во Тел Авив. Сценскиот настап се подготвува во консултација со тим од Шведска.

-И покрај заканите што ги добива „Евросонг“  во Тел Авив се чувствувам најбезбедно. Кога ја снимавме евровизиската разгледница, постојано ме следеше телохранител, изјави Тамара.

На евровизискиот настан очекува да се сретне и со Мадона која е специјална гостинка на финалето со две песни, а за свој фаворит на Евровизија  ја избра песната „Солди“ на италијанскиот изведувач Mахмуд.

Aвтори на евровизиската песна „Горда“ на англиски јазик се Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а стиховите се дело на писателот Коста Петров.

Ова ќе биде четврто учество за Тамара на овој престижен фестивал, но прво како солист.

На Евровизија таа првпат беше како придружен вокал на Тоше Проески, во 2004 година во Истанбул, потоа со Адријан Гаџа и со Врчак во Белград 2008 година ја претставуваше Македонија со песната „Let me love you“, но не се пласира во финалето. Како придружен вокал на Тијана, таа беше и на евровизискиот натпревар во 2014 година во Копенхаген.

Годинашниот евровизиски тим на МРТ го сочинуваат одговорниот уредник на МТВ 1, Анета Андонова, уредникот на Културно-уметничката програма на МТВ 1, Мери Попова, уредникот на Културно-уметничката програма на МТВ 2, Авни Ќаили и уредникот на Културната програма на МРА 1, Тони Цифровски.

Последниот македонски претставник што избори пласман на евровизиско финале беше Калиопи во 2012 година.

Израелскиот топ-модел Бар Рефаели, ќе го води Евросонг заедно со Ерез Тал, Аси Азар и Луси Ајуб.

Логото на годинашниот евровизиски избор е „Осмели се да сонуваш“.

  1. издание ќе има 41 учесник. Бугарија се откажа заради финансии, а потоа и Украина.

Во првото полуфинале на 14 мај ќе настап 17 земји, кои заедно со Франција, израел и Шпанија ќе можат да гласаат во ова полуфинале. Во второт полуфинале, на 16 мај, каде сме и ние , ќе учествуваат 18 земји, кои заедно со Германија, Италија и Велика Британија ќе можат да гласаат во ова полуфинале. Во финалето, на 18 мај, 26 земји ќе настапат, а ќе можат да гласаат сите 41.

Л. Сабит