Тамара на Парадата на гордоста во Скопје: Пораката е посилна од модата


Поп-ѕвездата Тамара Тодевска во здолништето во боите на виножитото за некого беше шик, а за некого шок на првата Парада на гордоста во Скопје. Здолништето со карнери во весели бои, во комбинација со црно секси боди и црни сандали на висока потпетица , пак ја подели модната јавност за и против.

Пејачката, која особено внимава на изгледот по настапот на Евросонг во Тел Авив, со стилот како да порача дека поддршката на ЛГБТ-заедницата ѝ е поважна од модната порака. Таа се чувствуваше гордо, исто како и нејзиниот евровизиски хит „Горда“.

Тамара со модерна и уникатна тоалета во смарагднозелена боја на Ношпал ја освои Европа на Евросонг во Израел.

Во необична креација, која наликуваше на пижами, неодамна беше на гости во Владата. Неа и евровизискиот тим ги прими премиерот Заев кој во свое име, во име на Владата и на граѓаните им се заблагодари за, како што посочи, гордоста што им ја приредија на граѓаните со настапот со песната „Горда“ (Proud) и освоеното седмо место, што е најдобар пласман на Македонија досега на музичкиот настан.

Во време кога креациите како пижами се хит број еден во светот, Тамара и нејзиниот стилист точно знаеја како да го следат овој светски тренд што ги освои Холивуд и регионот.

Иако се удобни, овие парчиња облека не се едноставни за носење. Не толку колку што би очекувале. Вие ризикувате да го носите со прекумерна галантерија или да го носите премногу случајно. Од вас зависи дали ќе ги носите секој ден на сеир-кафе, во специјална пригода, на коктел, на црвен килим или во прошетка како актерката од „Сексот и градот“, Сара Џесика Паркер, низ Менхетен.

Најдобро е да изберете машки дизајн, колку што е можно поедноставен. Тамара на приемот кај Заев го искомбинирала комплетот со неутрални, крем салонки, со неутрална шминка, црвен лак на ноктите и минималистички златен накит.

 

Тамара со концерт на Антички во Охрид

 

Првиот концерт по евровизискиот успех во Тел Авив, каде што со песната „Proud“ го освои седмото место, Тамара Тодевска ќе го одржи во Охрид.

Своите најголеми хитови, поп-ѕвездата ќе ги пее на 27 јули, во Античкиот театар, објави „Авалон“ продукција, организаторот на концертот.

На социјалните мрежи, таа најави дека наскоро ќе ја промовира новата песна, „Rise“.

Влезниците ќе бидат пуштени во продажба од среда, 3 јули ,онлајн и преку продажната мрежа на „Авалон“ низ Македонија по цени од 500 денари за партер стоење, и 600 и 700 денари за седење.

Л. Сабит  Фото: Б. Грданоски