Тамара меѓу фаворитите на Евросонг: „Proud“ може да победи


Популарното музичко списание „Билборд“ предвидува кои песни би можеле да победат на годинешниот Евросонг. Меѓу 12. фаворити се наоѓа и песната „Proud“ на македонската претставничка Тамара Тодевска.

– Ова е прва година како поранешната југословенска република ќе настапи под името Северна Македонија. Претходно позната како Former Yugoslav Republic of Macedonia, земјата првпат учествуваше на Евровизија во 1998. Најдобриот пласман беше 12. место во 2006 година со песната „Нинанајна“ на Елена Ристеска. Ако Тамара Тодевска се квалификува за финалето со својата песна, која е објавена на 8 март за да го обележи Интернационалниот ден на жената, тоа ќе биде прво учество на Северна Македонија во големото финале од 2012 година, пишува „Билборд“.

Останатите фаворити на „Билборд“ се и претставниците на Чешка, Франција, Малта, Австралија, Русија, Азербејџан, Норвешка, Италија, Швајцарија, Холандија и Шведска.

Вечерва од 21 часот во „Експо Тел Авив“ ќе се одржи второто полуфинале со 18 земји учеснички, меѓу нив и Тамара. За влез во финалето ќе се борат и претставниците на Ерменија, Ирска, Молдавија, Швајцарија, Латвија, Романија, Данска, Шведска, Австрија, Хрватска, Малта, Литванија, Русија, Албанија, Норвешка, Холандија и Азарбејџан.

Сите 18 земји учеснички заедно со Германија, Италија и Велика Британија можат да гласаат во ова полуфинале.

Во финалето, в сабота, ќе настапат 26 земји, а ќе можат да гласаат сите 41.

Покрај пласираните од полуфиналињата, ќе пеат и претставниците на големата четворка, плус земјата домаќин: Италија, Франција, Германија, Шпанија, Англија и Израел.

Познати се првите 10 финалисти од првата полуфинална вечер што се одржа завчера на Евросонг. Од 17 земји кои настапија, во финалето се пласираа изведувачите од Грција, Белорусија, Србија, Кипар, Естонија, Чешка, Австралија, Исланд, Сан Марино и Словенија.

Мотото на годинашниот евровизиски избор е „Осмели се да сонуваш“.

Ова ќе биде четврто учество за Тамара на овој престижен фестивал, но прво како солист.

На Евровизија таа првпат беше како придружен вокал на Тоше Проески, во 2004 година во Истанбул, потоа со Адријан Гаџа и Врчак во Белград 2008 година ја претставуваше Македонија со песната „Let me love you“, но не се пласира во финалето. Како придружен вокал на Тијана, таа беше и на евровизискиот натпревар во 2014 година во Копенхаген.

Последниот македонски претставник што избори пласман на евровизиско финале беше Калиопи во 2012 година.