„Талир“ одложен заради операција


Фото: Б.Грданоски

Почетокот на судењето за случајот „Талир“ на СЈО, кој се однесува на финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно се одложи.

Причината е хируршка интервенција на еден од обвинетите, поради што вчера се одложи и судењето за предметот „Титаник“.

Во случајот „Талир“ обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари“. За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.

На Елизабета Чингаровска нема да ѝ се суди бидејќи таа се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.

Според обвинението, тие незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни луѓе.