„Талир 2“ влегува во судница со старата обвинителка


Фото: Б. Грданоски

„Талир 2“, случај кој го отвори СЈО за нелегалната изградба на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, денеска влегува во судница откако сите предмети од СЈО преминаа во надлежност на редовното јавно обвинителство. Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески вчера ѝ го доделил предметот на обвинителката што го водеше, Ленче Ристоска.

Се очекува до крајот на неделата да им бидат делегирани и останатите предмети на обвинителите од СЈО кои ги застапуваат пред судовите.

Судијката го одложи првото рочиште за предметот „Талир 2“ зашто не дојдоа ниту адвокатите на Никола Груевски и на Кирил Божиновски, ниту обвинетиот Божиновски, а немаше ниту обвинител од СЈО.

Во „Талир 2“ обвинети се Никола Груевски, кој е во бегство и има азил во Унгарија, и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски. Според обвинението, тие ја злоупотребиле службената положба и му овозможиле на ДГ „Бетон“ АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.

Пред судот се води друга постапка за предметот „Талир“ за незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Обвинетите во „Талир“, според обвинението, незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на разни луѓе. Ова судење, кое го води исто така Ристоска, се одложува веќе десет пати.