Естонија за недоаѓањето во Скопје поради Лавров: Не сакавме да учествуваме во циркус


 

ТАЛИН -Генералниот секретар на Министерството за надворешни работи на Естонија, Јoнатан Всевиов,  го спореди со  „циркус“ доаѓањето на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Скопје, појаснувајќи зошто Талин не се солидаризираше со напорите да се спаси ОБСЕ и реши да не биде присутен на министерскиот состанок во Скопје. 

„Одвреме навреме треба да се препрочита Хелсиншкиот финален акт од 1975 година. Тоа се многу основни принципи врз кои се заснова ОБСЕ. По Втората светска војна меѓу СССР и западните земји беше можно да се договорат и да се прифатат основни принципи кои го направија можно и ОБСЕ.  Барем имаше извесно ниво на доверба меѓу земјите учеснички дека се однесуваат според договорените принципи, па  дури во случаите кога се сомневавме дека некои не ги почитуваат, барем правеа напори да се преправаат дека не ги напаѓаат човековите права. По војната во Грузија и анексијата на Крим сѐ уште беше можно многу набљудувачи да аргументтираат дека можеби постојат некои недоразбирања меѓу нив. Но, сега не може да се сокрие дека Русија не само што ги прекршува, туку и ги напаѓа основните принципи на ОБСЕ. И дека процесот на ништење на една земја членка е без преседан. Опструкции очигледно се прават на политичко и на техничко ниво, при што Русија  ги блокира сите одлуки и ја блокираше естонската кандидатура за претседателството, нешта што се без преседан досега. Тоа што Лавров беше на масата воопшто не обезбеди никакви придобивки, ниту за функционирањето на ОБСЕ, ниту за европската безбедност и имаше само забавна вредност. Ние не сакавме да учествуваме во циркус“, рече денеска Всевиов за група новинари. 

Тој не верува дека тие што присуствуваа на министерскиот состанок се надевале дека ќе се решат вистински прашањата за европската безбедност, но зошто сепак беа во Скопје, препорача да ги прашаме нив. (С.Ј.)