Талат Џафери предложен за претседател на Собранието од 62 пратеници


Вкупно 62 пратеници во македонскиот парламент го предложија Талат Џафери за претседател на Собранието Талат Џафери.

Образложувајќи го предлогот, пратеникот Изет Меџити рече дека Џафери и до сега успешно ја извршувал функцијата претседател на Собранието.

Ова е епилогот од неколкудневните натегања околу продолжување на оваа собраниска седница, на која треба да се избере и Комисијата за избори и именувања. Поради тоа што за нејзиниот состав не беа доставени предлози, претседавачот Џафери премина на 4 точка на дневниот ред – избор на претседател на Собранието.

За дискусија се имаат јавено повеќе пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, по еден од коалицијата Алијанса на Албанците и Алијанс и од Левица.

На почетокот на продолжението на седницата, процедурално зборуваше Гордана Силјановска – Давкова која што му забележа на Џафери за одлужување на седницата на 13 овој месец забележувајќи дека раѓањето на внукот не може да биде причина да се одложи на седницата.

„Не можам а да не ви забележам за одложувањето на седницата на Собранието“, му рече Силјановска-Давкова на Џафери. Таа додаде дека Собранието се конституира со избор на претседател.

„Мислам дека и претседавачот треба да води сметка за Деловникот и не е ексклузивен во диктирање на условите. Не може да ги откажува и закажува кога сака. Честитки за внукот, но тоа не е причина за откажување на седницата. Ако можат мајките да не присуствуваат на мекиците, тогаш може и без дедото“, истакна Силјановска.

Џафери одговори дека седницата не била закажана, туку само дал налог на службите да бидат подготвени.