Талат Џафери повторно спикер, нема Албанец премиер


Фото: Б. Грданоски

Талат Џафери и во овој мандат ќе раководи со Собранието. Ова, според „360 степени“,  е дел од политичкиот договор меѓу коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, и ДУИ за заедничко владеење во следните четири години, кој треба да биде допрецизиран утре од лидерите Зоран Заев и Али Ахмети.

Продолжението на конститутивната седница на чиј дневен ред е и избор на претседател на Собранието се планира за в среда (19 август). Ако утре падне конечен договор, мандатарот Зоран Заев до крајот на неделата би ги доставил до парламентот предлог-составот на новата влада и програмата за нејзина работа.

Сигнал за тоа дека преговорите меѓу коалицијата „Можеме“ и ДУИ се во завршна фаза е и информацијата дека СДСМ за в среда закажале седници на Извршниот и на Централниот одбор, кои треба да го одобрат политичкиот договор за парламентарно мнозинство и владина коалиција со ДУИ.

Засега не се открива каква распределба на ресорите во Владата договориле или договараат СДСМ и ДУИ. Нема информација ниту дали останувањето на Талат Џафери, кадар на ДУИ, на челното место во парламентот значи дека нема да има ротирачки премиер и дека Зоран Заев ќе ја води Владата до следните парламентарни избори.

Според агенцијата „Ина“, ДУИ сепак се откажала од премиерското место, но ќе го добие Министерството за внатрешни работи и можеби технички премиер пред избори. Изворот, меѓутоа, вели дека сѐ уште не може да се каже со целосна сигурност дали СДСМ ќе ја предводи Владата во текот на целиот мандат.

– Она што е познато е дека Зоран Заев како победник на изборите ќе има целосен мандат како премиер. Како компромис, ДУИ се согласи да го води Министерството за внатрешни работи и другите важни министерства, така што ДУИ ќе има поголема моќ во новата влада. Можеби е прифатливо техничкиот премиер 100 дена пред избори да биде од ДУИ. Но, сѐ уште не можеме да кажеме дали СДСМ ќе ја предводи Владата во текот на целиот мандат – изјавил изворот за агенцијата.