Талат Џафери не знае зошто пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не дошле на „Жан Моне“


Фото: Б. Грданоски

 

Претседателот на Собранието Талат Џафери нема информација од кои причини пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не присуствувале на средбата која е дел дијалогот „Жан Моне“ и се однесува на измени на Деловникот за функционирање на Собранието но, како што рече, ќе им ги достави во писмена форма.

Џафери појасни дека биле направени подготовки и еднаш (на 28 октомври) на барање на ВМРО-ДПМНЕ заради партиски активности била одложена и бил оставен простор за договор на друг датум.

„Оставивме простор да се договориме за наредниот термин. Во меѓувреме да дадоа одговор кога би можело да биде. Со оглед дека имам надлежност како претседател на таа работна група и како претседател на Собранието и на 2 ноември сите беа известени дека средбата е закажана и ќе се одржи на 8 ноември. Од за мене непознати причини, вчера не дојдоа. Тоа е нивно право дали ќе дојдат или не. Ценам дека тој процес треба да биде сеопфатен, консензуален и така и ќе продолжи“, рече Џафери по настан во Гостивар на кој се промовира работењето на македонскиот парламент.

Заклучоците од средбата, потенцира Џафери ќе бидат доставени до пратениците од пратеничките групи коишто не биле присутни.

Тој најави можност за присуство на европратеници во дијалогот за составување на нов деловник. За Џафери тоа е важно од аспект на избегнување на можноста за блокирање на работата на Собранието.

„Нов или дополнување на постоечкиот ќе ги пополнат празнините при спроведувањето на Деловникот кој сега дава можноста за блокирање на работата на Собранието. Овој орган според Устав е претставнички орган на граѓаните и тој не смее да биде блокиран“, подвлече Џафери.