Талат Џафери избран за претседател на Собранието

Фото: Б. Грданоски

Со 62 гласа за и 43 гласа против пратеникот од ДУИ, Талат Џафери, попладнево беше избран за претседател на Собранието. За време на гласањето пратениците на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива ја напуштија собраниската сала.

Кога Џафери ја даваше свечената изјава салата ја напуштија и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Освен пратениците на новата коалиција, во салата останаа уште и двајцата пратеници на Левица.

По изборот на Џафери од 11 пратеници беше предложен составот на новата Комисија за избори и именувања, а во салата се вратија вмровските пратеници. Пратеникот на Левица, Димитар Апасиев, и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, побараа Левица да има член во комисијата и мнозинството да отстапи еден член во неа. Потоа, „за“ гласаа 90 пратеници, а „против“ двајца, и двајца беа воздржани.

Во комисијата мнозинство има владејачката коалиција. Претседател е Костадин Костадинов од СДСМ, а членови од мнозинската коалиција се Горан Мисовски, Јован Митрески, Фаница Николоска, Фадил Зендели, Мерита Колчи-Коџаџику и Арбен Зибери. Членови од ВМРО-ДПМНЕ се Антонио Милошоски, Александар Николоски, Дафина Стојаноска, Игор Јанушев и Никола Мицевски; а од Алијансата за Албанците Сурија Рушиди.

Со тоа заврши конститутивната седница на Собранието.