Талат Џафери и ДУИ по втор пат во клучен момент одработуваат за ВМРО-ДПМНЕ


По втор пат и на сличен начин претседателот на Собранието, Талат Џафери, и ДУИ во клучни моменти одработуваат за ВМРО-ДПМНЕ. Со постојано одолговлекување на закажувањето на седницата, со бескрајни координации и на крајот со прекинување на собраниската расправата уште пред таа воопшто да започне, Џафери синоќа купи уште еден ден за ВМРО-ДПМНЕ, чија цел е Предлог-законот за јавното обвинителство воопшто и да се донесе и веднаш да се оди на распуштање на изборите.

На сличен начин Џафери го „спаси“ одземањето на имунитетот на Трајко Вељаноски, што во јавноста исто така беше протолкувано како директна соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Дека меѓукоалициските односи меѓу СДСМ и ДУИ, после вчерашните целодневни собраниски политички игри, се на стаклени нозе, најави генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски само неколку минути пред да почне собраниската седница. Тој дури и се закани со ново парламентарно мнозинство, доколку продолжи блокадата на постапката за усвојување на Предлог-законот за јавно обвинителство.

 „Доколку во Собранието се продолжи со тактизирање и ако на кој било начин се оневозможи гласање на важните законите, а особено законот за јавно обвинителство, изборниот законик, законот за одбрана, разрешувањето на Мизрахи… во тој случај постои реална можност ние да направиме ново парламентарно мнозинство, а потоа и нова стабилна влада која ќе организира редовни парламентарни избори“,  изјави Љупчо Николовски, генералниот секретар на СДСМ во гостувањето на телевизија 21

„Најважно е да се обезбеди демократска процедура за гласање на законот за јавно обвинителство. Никој не смее да се дрзне одново да блокира и опструира. Без разлика дали има или нема мнозинство за законот, мора да се обезбедат услови за гласање. Овој закон за јавно обвинителство има поддршка од Европската унија, од САД и претставува основа за правна држава и за владеење на правото“, додаде Николовски.

Одлуката на Џафери да ја прекине собраниската седница само десетина минути по нејзиното започнување предизвика револт кај социјалдемократите. Тие неофицијално обвинија дека ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се во директна координација и сакаат да го спречат усвојувањето на законот за јавното обвинителство.

Пратеникот и потпретседател на СДСМ Мухамед Зеќири тоа синоќа и отворено го кажа веднаш по завршувањето на седницата.

 „Талат и ДУИ уште еднаш го покажаа нивното вистинско криминално лице заедно со нивните побратими од ВМРО ДПМНЕ. ДУИ и ВМРО ДПМНЕ ја обновија нивната криминална коалиција и коалиција на тесните интереси на одредени кругови во нивните редови. Срамота!“, реагираше Зеќири на Фејсбук. (Таква паралела во текот на денот на Фејсбук направи и пратеникот на СДСМ Александар Кирацовски.)

Веднаш потоа пратеникот од ДУИ Артан Груби почувствува потреба да се оправда и преку својот Фејсбук профил ја убедуваше јавноста дека ДУИ ги поддржува законите за јавното обвинителство и за Советот на јавните обвинители, за одбрана, Изборниот законик…

Што ќе донесе денеска денот се уште не се знае. За во 11 часот во Собранието е закажано продолжение на седницата за предлог-законите за јавно обвинителство и за Совет на јавни обвинители. За во 15 часот е закажана седницата за разрешување на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.

Претседателот на Собранието Џафери синоќа пообара и лидерска средба во врска со поддршката на законот за јавно обвинителство, но неизвесно е дали таа ќе се одржи. (Н.В.)