Таксират и Д фестивал номинирани за најдобри фестивали во Европа

Европските награди за најдобри фестивали (European Festival Awards) и годинава ги вклучија номинациите за Д-Фестивал и Таксират Фестивал во категориите: Д-Фестивал за најдобар мал фестивал, и Таксират за најдобар фестивал со средна големина и најдобар фестивал кој се одржува во затворен простор.

Веќе неколку години по ред, двата најпосетени македонски фестивали за локалната и регионалната јавност – според гласовите на домашните и меѓународните фанови – со својата атрактивна и еклектична програма привлекуваат сѐ повеќе публика и стануваат препознатливи како македонски музички фестивали супер-брендови.

Д-Фестивал го стави малиот град Дојран на мапата на најатрактивни фестивалски дестинации не само во регионот, туку и во Европа. Досегашните осум изданија на летниот фестивал покрај езерскиот брег, со својата програма секоја година привлекуваат по повеќе од осум илјади срчани фестивалџии, за кои овие три дена се еуфорично и позитивно доживување, единствени, неповторливи, кои долго потоа се прераскажуваат. Личните емотивни објави по социјалните мрежи на секој оној кој бил на Д-фестивал се потврда за тоа. А листата на изведувачи кои досега настапиле на трите сцени на овој единствен вистински летен фестивал кај нас е импресивна: Ману Чао, Дубиоза колектив, Стерео МС, Архангел, Кирил Џајковски, Фолтин… и уште повеќе од 200 ексклузивни музички генијалци.
Фестивалот Таксират годинава почнува да ја раситнува третата деценија од своето постоење. „Лошата карма“, те. алузијата во насловот на овој фестивал се претопи во суперуспешна приказна: од дадена шанса за прв настап на голем настан за локалните почетници во светот на музиката до стотиците супер-ултра-мега регионални и светски музички ѕвезди кои настапиле досега на фестивалот. Дваесет и една година Таксират континуирано ја промовира мултикултурата, креативноста и позитивните вредности во животот, и затоа е веќе широко препознаен како македонски најпосетуван туристички културен бренд. Заради својот оригинален концепт, фестивалот со години по ред е номиниран, но и наградуван од најмеродавните европски инстанци кои ги оценуваат стотиците фестивали кои се одржуваат по стариот континент.