Такси превозот нема да поскапи, таксистите имаат три тарифи по кои можат да возат


Информацијата која денеска се шири по медиумите за барањето за повисока цена е неточна или некој сака да направи забуна кај граѓаните, тврди Сашо Рајчановски претседател на Групацијата на авто-такси превозници на Град Скопје.

Таксистите немаат поднесено барање до Советот на Град Скопје за зголемување на цената на такси превозот, затоа што во моментов нема таква потреба. Информацијата која денеска се шири по медиумите за барањето за повисока цена е неточна , тврди Сашо Рајчановски претседател на Групацијата на авто-такси превозници на Град Скопје.

Таксистите во Скопје имаат на располагање три тарифи според кои можат да наплатуваат, кои се утврдени и усвоени од Советот на Град Скопје.

Првата тарифа предвидува стартна цена од 40 денари и 25 денари по километар и се применува доколку цената на гориво е до 75 денари за литар. По втората тарифа, по која сега возат сите таксисти, цената за старт изнесува 50 денари, а по изминат километар на патникот му се наплатува 30 денари. Според одлуката на Град Скопје оваа цена би требало да ваќи кога цената на горивото се движи од 75,50 до 119,50 денари. Третата, највисоката тарифа подразбира стартна цена од 60 денари и 35 денари по километар, доколку горивото е поскапо од 120 денари за литар.

Токму оваа трета тарифа во медиумите се наведува како цена која се бара од Советот на Град Скопје.

За да поднесеме барање до Совет треба да не задоволува третата тарифа, ама во случајов навистина нема зошто. Ги имаме тарифите, нема што да бараме во моментов – нагласува Рајчановски.