Тајани: Претседателот на Еврокомисијата да се избира меѓу „водечките кандидати” на евроизборите


Претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани изјави дека повеќето групи во Парламентот го поддржуваат принципот првиот човек на Европската комисија да се избира меѓу „водечките кандидати” од европските избори. 

Тајани соопшти дека ќе ги информира лидерите на ЕУ за вакватас позиција на Европскиот парламент на неформалниот Самит на Унијата, што ќе се одржи денеска во Брисел, на кој ќе се разговара за кандидатите за водечките позиции во блокот.

– Наша цел е да работиме во интерес на демократијата и благосостојбата на европските граѓани, изјави Тајани.

Тој нагласи дека законодавното тело верува оти новиот шеф на Европска комисија треба да биде избран меѓу кандидатите предложени од политичките групи во Парламентот.

Тоа би можело да го доведе Парламентот во судир со некои лидери на ЕУ, кои сакаат поширок избор во потрага по наследникот на Жан-Клод Јункер.

Според правилата, лидерите на ЕУ мора да ги земат предвид резултатите од изборите за да изберат нов претседател на Европската комисија, но тие не мораат да изберат ниту еден од досега предложените кандидати.

Меѓутоа, Европскиот парламент мора да го одобри новиот претседател на Еврокомисијата, што може да доведе до долго „пазарење“ меѓу законодавците и лидерите на ЕУ.

Во наредните месеци, Унијата мора да избере нови први луѓе на Еврокомиисијата, Советот на ЕУ, Парламентот и Европската централна банка, како и висок претставник за надворешна политика и безбедност.

Традиционално, изборите за овие функции секогаш се меѓусебно поврзани и се предмет на жестоки дебати меѓу политичките групи.

Шефовите на држави или влади на членките на ЕУ денеска ќе одржат работна вечера во Брисел, на која ќе разговараат за потенцијалните наследници на Жан-Клод Јункер на функцијата претседател на Европската комисија, како и за кандидати за претседател на Европскиот совет, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност и претседател на Европската централна банка. 

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека сака брз договор за тоа кој треба да ја предводи Европската комисија, која предлага и спроведува закони на блокот.

На изборите за Европскиот парламент, Европската народна партија (ЕПП) освои најголем број мандати – 179, но за да обебзеди мнозинство, ќе мора да формира коалиција со најмалку две други партии.

Засега е неизвесно дали ЕПП ќе ја продолжи коалициската соработка со второрангираната група на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), имајжи предвид дека нејзиниот лидер Удо Булман изјави дека конзервативците ја загубила политичката моќ на изборите и оти не може да бараат тие да решаваат кој ќе биде новиот претседател на Еврокомисијата.