„Тафталиџе шафл“- нов албум на Влатко Стефановски. Го посвети на своето Скопје


Фото: Б. Грданоски

Новиот албум на Влатко Стефановски – Taftalidze Shuffle со кој ја продолжува успешната соработка со најголемата дискографска куќа во регионот – Croatia Records, ќе биде објавен овој петок, 20-ти ноември.

Станува збор за едно од најисчекуваните музички изданија во 2020-та година, не само во Македонија, туку и во целиот регион, кое минатата недела со синглот Огледало и тоа како ја заинтригира јавноста на овие простори.

https://www.youtube.com/watch?feature=youtu.be&v=f21lVGtLaas&fbclid=IwAR3eS-1cy4T60NT5lPZdD4O9NHiGy4kLZXx2UiGrqzdJ6PbVsO_Swv3ApbQ&app=desktop#dialog

На новиот албум Влатко е придружуван од подмладеното Трио. Во нова ритам секција членуваат басистот Иван Кукиќ, како и неговиот син Јан Стефановски на тапани. Иако се млади, звучат со полн ентузијазам и шират оптимизам и енергија.

И овој албум, како и сите соло-проекти на Стефановски, Влатко му го има посветено на својот град, нашето единствено Скопје, населбата Тафталиџе, која е неговото маало… Затоа песните се интимни и лични, а повторно толку блиски секому, заради сензибилитетот кој го носи музиката на Влатко Стефановски.

Албумот Taftalidze Shuffle е создаван во периодот од јануари до октомври 2020-та, а текстовите се пишувани во од април до јуни, оваа специфична и чудна 2020 година.

– Наместо да гледам ТВ и да паѓам во депресија, се одлучив да правам музика. И многу сум задоволен од резултатот – открива Влатко, зборувајќи за својот креативен процес.

Албумот е сниман во домашното студио на Влатко – „Езотерија“, додека миксот и мастерингот се работеше во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски.

На албумот има и многубројни гости, кои уште повеќе ја оплеменија музиката и стиховите на Стефановски. Најбројни се клавијатуристите: Дамир Имери, Кирил Џајковски, Диран Тавитјан, Тихомир Поп Асановиќ, Матија Дедиќ и Васил Хаџиманов.

Придружните вокали ги пееше Андријана Јаневска, додека познатиот кавалџија Теодосиј Спасов во една песна свири труба.

Меѓу гостите на албумот е и актерот Никола Ристановски, кој во песната „Дијаспора“ има мал речитатив.

Дизајнот на обвивката е дело на уметникот Ладислав Цветовски.

Taftalidze Shuffle претставува извонредна колекција на вокални и инструментални теми на Влатко, низ кои бојата на неговата гитара е нешто што вечно останува во меморија на слушателот.

Албумот содржи девет теми: Taftalidze Shuffle, Funky junkie, Игранка, Гаража, Global Warming – local freezing, Огледало, Немам песна за тебе, Раскрсница, Дијаспора.

Освен на компакт-диск, Taftalidze Shuffle на Влатко Стефановски кон крајот на декември Croatia Records ќе го објави и на винил.

***

Долги години, Влатко Стефановски е познат и признат како еден од најдобрите светски гитаристи. Многу пати покажа ненадмината техника и уникатна чувствителност, подеднакво е успешен во етно и во рок, но исто така и во блуз, фанк и џез – жанрови кои го обликуваа неговиот музички пат и го обележаа како уметник.

По исклучително успешниот акустичен албум „Мајчин јазик“, Влатко му се враќа на звукот и атмосферата од 70-тите години на минатиот век, а новиот албум Taftalidze shuffle, содржи сè што ги направи 70-тите посебни.