Тафталиџе како населба е фанк-населба: Промовиран новиот албум на Влатко Стефановски


Новиот албум на Влатко Стефановски – „Тафталиџе шафл“ беше претставен како дел од вчерашниот онлајн новогодишен настан на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“.
 

– Сакам да сум полежерен одошто сум и да сум порелаксиран одошто сум. Музиката што ја направив заедно со соработниците сакав да звучи опуштено со оглед дека сите сме под притисок од секојдневниот стрес од информациите што нè напаѓаат и електронските играчки коишто се преполни со шокантни вести. Најмногу уживам кога ќе пуштам некоја плоча, што често го правам, за да се исклучам и да се навратам кон некои помирни времиња, изјави гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски за албумот „Тафталиџе шафл“.

Се работи за весело и романтично музичко издание со девет нумери. Учествуваат и Никола Ристановски, Диран Тавитјан, Кирил Џајковски, кои го дадоа својот придонес и печат на албумот.

– Тафталиџе како населба е фанк-населба и секаде околу мене имаше некој од мојата генерација кој страсно собираше плочи и тој фанк или лајт џез преовладуваше. Тафталиџе во шеесеттите и седумдесеттите години живееше една убава средна класа и тој лајт џез и фанк едноставно прилега на населбата, изјави Стефановски.

Воедно, на настанот беше промовиран и спотот за песната „Огледало“ која е дел од овој нов албум, во издание на најголемата дискографска куќа во регионот „Кроација рекордс“ и моментно најслушан во Хрватска. 

Албумот Taftalidze Shuffle е создаван во периодот од јануари до октомври 2020-та, а текстовите се пишувани во од април до јуни, оваа специфична и чудна 2020 година.

Албумот е сниман во домашното студио на Влатко – „Езотерија“, додека миксот и мастерингот се работеше во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски.

Придружните вокали ги пееше Андријана Јаневска, додека познатиот кавалџија Теодосиј Спасов во една песна свири труба.

Taftalidze Shuffle претставува извонредна колекција на вокални и инструментални теми на Влатко, низ кои бојата на неговата гитара е нешто што вечно останува во меморија на слушателот.

Албумот содржи девет теми: Taftalidze Shuffle, Funky junkie, Игранка, Гаража, Global Warming – local freezing, Огледало, Немам песна за тебе, Раскрсница, Дијаспора.

Освен на компакт-диск, Taftalidze Shuffle на Влатко Стефановски кон крајот на декември Croatia Records ќе го објави и на винил.

По исклучително успешниот акустичен албум „Мајчин јазик“, Влатко му се враќа на звукот и атмосферата од 70-тите години на минатиот век, а новиот албум Taftalidze shuffle, содржи сè што ги направи 70-тите посебни.