Хашим Тачи се изјасни за невин на судењето што почна во Хаг

Тачи изјави дека Главниот штаб на ОВК постоел само на хартија, обвинителот изјави дека тој за време на војната е заеднички одговорен за повеќе од 100 убиства


Во првите сослушувања Тачи потврдил дека знаел за тепањето и малтертирањето на притворените, за пота да тврди дека ниту штабот на ОВК ниту привремената влада постоеле освен на хартија

 

Хашим Тачи се изјасни за невин на судењето за воени злосторства на Косово, заедно со тројцата други членови на Главниот штаб на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, на судскиот процес што денес почна во Хаг по речиси тригодишна истрага и повеќе од 20 години од војната.

Тачи, кој беше водач на герилските борци, се соочува со 10 обвиненија за апсење, убивање и мачење на оние кои се сметале за непријатели на ОВК, вклучително и Албанци, Срби и Роми, додека се обидувале да ја преземат власта за време на ослободителната војна во 1998-99 година. Обвиненијата вклучуваат злосторства против човештвото, воени злосторства, вклучувајќи убиства, тортура, принудни исчезнувања, прогон и сурово постапување. Обвинителите велат дека Тачи, кој го носеше прекарот „Змија“ за време на војната, е заеднички одговорен за повеќе од 100 убиства од страна на ОВКК, кои се движат од егзекуции до смрт на малтретирани затвореници. 

„Го разбирам обвинението и целосно не сум виновен“, им рече тој на судиите во судот во воведната фаза на рочиштето.

Обвиненителот Алекс Вајтинг тврдеше денес дека Тачи и ОВК од почетокот до крајот на војната имале конзистентна политика да ги напаѓаат „политичките опоненти, соработниците на српскиот режим  и предавниците“, кои биле оквалификувани како „егзистенцијална закана за Косово“ и целта не им била само ослободување  туку и доаѓање на власт. На удар биле и политичките опоненти од Демократската лига на Косово. Политичката идеологија на ОВК била дека Косово може да се ослободи само со војна, наспроти Ибрахим Ругова кој барал тоа да се прави со политички и дипломатски средства.

Претставникот на обвинението во преставувањето на случајот рече дека Тачи во сведоштвата пред судот тврдел дека не знаел за злосторствата, па и дека имал фиктивна функција, a Главниот штаб на ОВК постоел само на хартија, што самиот потоа си го демантирал со други изјави и доказите го покажале спротивното.

„Нема оправдување за арбитрарното држење на цивили и нивното подложување на тортура и злосторства“, порача обвинителот, оценувајќи дека никој не е над законот па ни Тачи, и дека жртвите имаат право да бидат слушнати и да добијат правда. Досега, рече тој, добивале пораки дека треба да свртат страна, да го остават тоа во минатото, да престанат да зборуваат  и слично.

„Зошто Тачи дојде во Хаг за да ги дава овие лажни изјави, што се обидува да сокрие“, праша тој, најавувајќи дека доказите и сведоците ќе дадат одговор на тоа прашање.

Во продолжение на воведниот говор, обвинителот Вајтинг подвлече дека судскиот процес во Хаг не е против ОВК, туку исклучиво против четворицата обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото во периодот 1998-99 година. Тој зборуваше и за „атмосферата на заплашување на сведоците што владее во Косово“ и посочи дека тоа е една од причините поради која судовите се селат во Хаг.

„Потребна е храброст да се сведочи овде, некои нема да сакаат да му кажат на судот што знаат од страв што ќе се случи со нив или со нивните семејства. Тие можат да ги наречат отпадници бидејќи соработуваат со овој суд или се лојални на обвинетите“, рече обвинителот Вајтинг.

Специjaлното обвинителство тврди дека ќе докаже дека во ОВК имало хиерархија, а четворицата обвинети имале авторитет во Главниот штаб. Халинг рече дека Тачи, Весели и Селими го основале „Главниот штаб и започнале здружен злосторнички потфат“, а Красниќи  бил член на политичкиот директорат.

Судијата претходно најави дека ако обвинетите го попречуваат процесот  и спречуваат фер судење ќе бидат отстранети и ќе ги застапуваат нивните бранители, а ако има притисок и вознемирување на сведоците – ќе има санкции. 

Како командант на ОВК за време на војната 1998-1999 година Тачи стана популарен во младата земја, а по нејзиното прогласување независност продолжи да го води Косово како претседател и премиер во различни периоди. Тачи поднесе оставка од функцијата претседател на Косово во ноември 2020 година, откако дозна дека меѓународниот суд, наречен Специјалистички комори за Косово (СКК) со седиште во Хаг, го потврдила обвинението против него. СКК во тоа време рече дека спроведува тековни операции во Косово, кои беа поддржани од косовската полиција и мисијата на Европската унија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС).

СКК има мандат да ги разгледа наводите дека членовите на ОВК извршиле воени злосторства и злосторства против човештвото за време на војната 1998-1999 година за да добијат независност од Србија. Работи според косовскиот закон, но е со седиште во Холандија за да ги заштити сведоците од заплашување. 

Во војната за независност на Косово од Србија загинаа повеќе од 10.000 луѓе – повеќето од нив етнички Албанци од Косово. Повеќе од 1.600 луѓе се водат како исчезнати. Борбите завршија по 78-дневна воздушна кампања на НАТО против Србија. Косово, кое има главно етничко албанско население, прогласи независност од Србија во 2008 година, потег што го признаа многу западни држави, но не Србија или нејзините сојузници Русија и Кина.

Судењето на Тачи индиректно може да влијае и на имиџот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој иако не бил директно вклучен во злосторствата што ги наведува обвинението, сепак бил дел од високите структури на ОВК.  Тој во август 2020 година беше повикан од Хаг како сведок, нешто што самиот го најави на фејсбук. 

„Специјалното обвинителство на Косово, ме покани да сведочам како еден од основачите на ОВК и член на Генералштабот. Без двоумење ја прифатив поканата и остварив конструктивен контакт и соработка со официјални лица во Хаг“, напиша тогаш Ахмети. (Н.В.)