Тачи: Прешево да се припои кон Косово, но Косово да не даде ништо
Косовскиот претседател Хашим Тачи, во пресрет на денешниот самит на лидерите на Западен Балкан во Берлин, изјави дека нема да дозволи никаков вид на размена на територии со Србија, но нагласи дека е „право на Албанците од Прешевскта Долина да се припојат кон Косово“, јави дописникот на МИА од Приштина.
На прес-конференција на пришитнскиот аеродром пред заминувањето за Берлин, Тачи синоќа рече дека Косово нема да дозволи ниту модел на „двоен суверенитет“ за Косово, за кој во косовските и српските медиуми се шпекулира дека ќе биде предложен од страна на домаќините на самитот, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, како решение за косовско-спркиот спор.
– Нагласувам дека нашата позиција е уставна, законска и јасна – позиција на неаависна и суверена држава. Не очекувам таму да се случи некој дијалог или договор меѓу Косово и Србија, но продолжувам да ја нагласувам мојата позиција дека е во наш интерес поддршката на правото на Албанците од Прешевската Долина за обединување со Косово. Меѓутоа, секогаш ќе бидам против размена на територии. Тоа е пазарење и ние тоа нема да го дозволиме. Исто така во никакви околности нема да дозволиме некаков вид на двоен суверенитет, ниту германско-германски модел, затоа што е надминат, ниту Република Српска во Косово, порача косовскиот претседател.
Во врска со дијалогот со Србија, Тачи побара пред неговото продолжување домаќините на самитот да го осудат српскиот геноцид во Косово.
– Нагласувам дека што се однесува до можноста за продолжување на дијалогот, Косово е подготвено да го продолжи дијалогот за постигнување сеопфатен договор, кој отвора перспективи за добрососедство и меѓусебно признавањње, но не и дијалог кој е обусловен од Србија. Очекувам да се осуди српскиот геноцид во Косово и од страна на организаторите на средбата. Гледате дека секој ден присустуваме на годишнини на настани во кои српската држава изврши геноцид во Косово. Наспроти нас се наоѓа една геноцидна Србија, изјави Тачи.
Тој нагласи дека Косово ги исполнило сите критериуми за визна либерализација и доколку на овој самит домаќините Меркел и Макрон не излезат со јасен став во прилог на либерлаизацијата, тоа ќе претставува „голема неправда кон Косово“.
На денешниот самит во главниот град на Германија, покрај Тачи, Косово ќе го претставува и премиерот Рамуш Харадинај.
Според неофицијални информации објавени во регионалните медиуми на српски и албански јазик, можно е Меркел и Макрон да предложат конечно решение за косовско-српскиот спор, со кое Белград би ја признал независноста на Косово, а за возврат би добил одреден степен на суверенитет врз местата во Косово со мнозинско српско населени и врз православните верски објекти.
Државните челници и на Косово и на Србија во првичните реакции ја отфрлија оваа идеја како неприфатлива.