Тачи побара од косовската делегација во Вашингтон да преземе храбри чекори во преговорите со Србија

 Претседателот на Косово Хашим Тачи ѝ порача на косовската делегација, предводена од премиерот Авдулах Хоти, на преговорите со српската делегација, кои треба да започнат денеска во Вашингтон, да преземе „храбри чекори во правец на мирот“.

Преку објава на својот Твитер, Тачи ги поздрави заложбите на американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот специјален пратеник за дијалогот меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел, за средување на односите меѓу двете земји.

– Му ракоплескам на лидершипот на Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп и амбасадорот Ричард Гренел за тоа што повторно ги споија Косово и Србија во потрага по мировен договор. Ја охрабрувам косовската делегација да преземе храбри чекори во правец на мирот, признавањето и економскиот просперитет, напиша Тачи.

Амбасадорот Гренел утрово преку социјалните мрежи повика на нормализирање на економските односи меѓу Приштина и Белград и оставање настрана на политиката.

– Граѓаните на Косово и Србија заслужуваат економска нормализација (…) Денес сум сконцентриран на младите кои сакаат кариера, подобра работа и поврзување со Западот. Сум ве слушнал. И ќе се трудам силно за вас. Да ја оставиме настрана политиката, порача Гренел на неговиот Твитер.

Новата рунда косовско-српски преговори, која е планирано да трае два дена, треба да започне денеска напладне по американско време, со средба на водачите на двете делегации, косовскиот премиер Хоти и претседателот на Србија Александар Вучиќ.