Тачи негира дека се заканил со војна


Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, во интервју на „Слободен брифинг“ ја објаснува изјавата дека ако во новата влада нема Албанци можно е да има војна. Тој вели дека изјавата и извртена и истакнува дека зборува за можните последици предизвикани од неговиот опонент Али Ахмети за кој вели дека е политичар спремен на тензии.

„Интерпретацијата е погрешна. Не сум рекол така. Реков оти во барањето на Ахмети за премиер Албанец, дека во поттекстот на тоа политичко барање има директна закана, затоа што тој е свесен дека тој ќе биде опозиција. Последната алка му е национализмот и сака да ја прави тензијата дека ако тој не биде во влада ќе има дестабилизација и може да се случи сценариото од 2001 година. Мојот одговор и до граѓаните беше – почитувани граѓани, немојте воопшто да се вознемирувате, јас сум кандидат за заменик-премиер, ако седнам на тоа место, ви гарантирам дека Ахмети и ДУИ ќе го почитуваат гласот на граѓанинот и ќе бидат мирни како кокошки. Таквата реторика веќе е завршена. Нема такви проекти. Само за ненормални или уплашени луѓе може да има такви изјави. Ние да не заборавиме дека сме членка на НАТО, на сите зовриени глави на одредени радикални структури на Албанците веќе им е јасно дека таквите сонови не постојат“,вели Тачи.

Тачи верува дека Македонците немаат никакви фрустрации дека Албанците имаат резервни планови кон Македонија.Посочи дека сака да биде запаметен преку мирољубива политика, и се наврати на политичката битка со Киро Глигоров и Бранко Црвенковски.

„Животот и искуството политичко ќе ве научи да расчистите со предрасуди. Јас сум имал директни политички конкуренти со кои сум се ‘тепал’ со децении. Почнувајќи од Глигоров до Црвенковски. Сега од оваа политичка дистанца многу ги ценам двајцата и сакам и мене така да ме ценат. Во мојата кариера имав многу јаки политички изјави, можеби другите ги толкуваа како непромислени, но успеав по таа заслуга да одржувам мир, или сите можни конфликти да ги менаџираме со многу мали последици. Мислам дека политичките партии на Македонците му даваат значење на Ахмети и ви се молам да не се занимавате со таа глупава идеја, тој се бори за својата лична кожа. Најмногу нѐ потценува нас Албанците кога вели премиер Албанец, тоа е биолошка категорија. Таква категоризација е како во 15 век“, рече Тачи.