Тачи на Фејсбук: Со Палмер разговаравме за достигнувањата на Косово


Косовскиот претседател Хашим Тачи по денешната средба во неговиот кабинет со специјалниот пратеник на државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД) за Западен Балкан, Метју Палмер, објави дека со гостинот разговарал за „достигнувањата на Косово, со посебен акцент на политичката зрелост која се докажа на последните избори“.

Во објава на неговата страница на Фејсбук, Тачи ја нагласи посветеноста на Косово за градење на мирот во регионот.

– Со Мет Палмер, пратеникот на Стејт Департментот за Западен Балкан, разговаравме за достигнувањата на Косово, со посебен акцент на политичката зрелост која се докажа на последните избори. Косово е партнер на Соединетите Американски Држави во градењето на опстоен мир во нашето општество, напиша Тачи.

Заменик-помошникот државен секретар на САД, воедно специјален американски пратеник за регионот, Метју Палмер, попладнево во Приштина ќе се обрати на студенти и претставници на граѓанското општество.

Американскиот дипломат престојува во Косово по вчерашната еднодневна официјална посета на Северна Македонија.

Пред средбата со Тачи, Палмер во Амбасадата на САД ги прими премиерот во оставка и лидер на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај, лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Иса Мустафа и доскорешниот претседател на косовското Собрание, лидерот на Демократската партија на Косово (ПДК), Кадри Весели. Од лидерите на поголемите партии единствен кој не се сретна со Палмер е Албин Курти, за кого неговата партија, Движење Самоопределување (ВВ) соопшти дека се наоѓа надвор од земјата, во посета испланирана претходно.