Тачи ќе се појави пред судот во Хаг

Поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, денеска во 15 часот првпат ќе се појави пред судот во Хаг. Еден од основачите и челните луѓе на Ослободителната војска на Косово ОВК ќе се појави пред судот за да биде запознаен со обвинението и ќе треба да се изјасни дали се чувствува виновен или не.

Тој може веднаш да се изјасни за вина или во рок од 30 дена на ново рочиште.

Поранешните офицери на ОВК Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи се обвинети пред судот во Хаг за најмалку 98 убиства.

Тие се обвинети за злосторства извршени во 34 нелегални притвори на ОВК во Косово и Албанија над најмалку 407 приведени, од кои најмалку 98 биле убиени, од март 1998 година до септември 1999 година.

Тачи сам се предаде на 5 ноември, откако поднесе оставка на функцијата претседател.

Обвинението ги товари Тачи и другите за политички и етнички прогон, затворање, незаконско апсење и притвор, други нехумани дела, суров третман, тортура и убиства.

Овие злосторства се квалификувани, во пет точки, како злосторства против човештвото и воени злосторства.

Во привремената влада на Косово, прогласена во март 1999 година, Тачи беше премиер, Весели беше министер за разузнавање, Селими беше министер за внатрешни работи, а Красниќи беше портпарол.