Тачи ги обвинува ДУИ за политичка манипулација со протестот


Лидерот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи, остро реагираше на најавениот протест на албанските студенти поради неспроведувањето на Законот за употреба на јазиците при полагањето на правосудниот испит, опишувајќи го како политичка манипулација.

Тачи изјавил дека, иако студентите можеби се во право и можат да бидат поддржани, начинот на кој се организирани овие протести претставува, според него, „најперфидна форма на легитимирање на неуспесите“ на ДУИ.

Тој додал дека овој пристап е измама кон албанското јавно мислење во Македонија и кон меѓународната заедница, споредувајќи ја ситуацијата со старите периоди кога Албанците бараа минимални права. Според Тачи, неприфатливо е што во 21 век сè уште се бара развој на правосудниот испит на албански јазик, нагласувајќи дека неговата партија не ги поддржува таквите пристапи. Тој, исто така, изразил сомнежи за вмешаност на разни политички фактори, но нагласи дека неговиот став се базира на лично политичко искуство.

Денес во 12.30 частот, студентите Албанци по право излегуваат на протести, а причината е како што наведуваат неспроведувањето на Законот за употреба на јазиците при полагањето на правосудниот испит. Протестите започнуваат од плоштадот „Карпошово востание“, а крајната точка е Министерството за правда. 

Протестот доби поддршка и од поединци, службени лица и други здруженија од РСМ, Албанија и Косово. Но, тој предизвика и судири меѓу двата албански политички блока во РСМ, ВЛЕН и ДУИ.

Вчера, премиерот на државата, Христијан Мицкоски, ги увери студентите дека ќе најде решение за нив, апелирајќи до нив да не стануваат алатки на ДУИ.

„Им гарантирам на студентите дека како што се пронајдени многу решенија за многу предизвици и многу пропусти од минатото, така ќе се најде соодветно решение и за ова. Мислам дека тие веќе го знаат тоа и апелирам да не си дозволат да бидат алатки во рацете на политичка партија која сè уште живее во сеќавањата на минатото, односно во минатиот век“, рече Христијан Мицкоски.

Од друга страна, портпаролката на ДУИ, Арта Биљали Зендели, изјави дека гаранциите за правата важат само за време на кампања.

„Гаранциите за правата очигледно важат само за време на кампањата! По кампањата нивниот глас не се слуша, но гласот на студентите не запира пред дискриминацијата, ароганцијата и мајоризацијата. Денес, студентите се на патот кон достоинство“,
рече Биљали Зендели.

Еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити, изјави дека политиката за јазикот во Северна Македонија, за жал, е регулирана со половичен закон.

„Половичните закони даваат половични решенија. Затоа протестот е повик за свесност за сите политички и општествени чинители кои мора да придонесат за подобри законски решенија и долгорочни институционални политики во земјата. Наместо политизација,
повикувам на свесност, затоа што студентските протести секогаш се аларм за општествени феномени со кои политичките структури имаат обврска да ги третираат во целост“, рече Meџити.

За протестот имаше реакции и меѓусебни обвинувања меѓу многу функционери од власта и опозицијата.

Прашањето за правосудниот испит на албански јазик во последно време направи голема врева откако 385 студенти Албанци од три правни факултети (УТ, УЈИЕ, УНТ) во Северна Македонија преку петиција побараа од институциите правосудниот испит да се полага и на албански јазик, на јазикот на кој ги завршуваат студиите, бидејќи како што велат, тоа е нивно право кое им следува со закон. Но, досега ова нивно барање не е исполнето.

Министерството за правда, на чело со Игор Филов, постојано инсистира дека правосудниот испит не може да се одржи на албански јазик, и покрај Законот за употреба на јазиците. А инспекцијата од страна на Инспекторатот за употреба на јазиците ја нарекоа притисок.

Во меѓувреме, Инспекторатот за употреба на јазиците, по извршена вонредна инспекција го опомена Министерството за правда на чело со Игор Филов, дека не овозможиле правосудниот испит да се одржи на албански јазик, и покрај законската и уставната обврска. Министерството за правда нема намера да ги спроведе препораките, но поднесе жалба против оваа одлука.

И Народниот правобранител, преку предметот што го отвори за ова прашање, излезе и со конкретен предлог до Владата во кој што бара преку Министерството за правда да се покрене постапка за измена на три закони: За правосудство, Нотаријат и Судски
извршители, за да бидат усогласени со Законот за употреба на јазиците, за да може овој испит да се полага и на албански јазик.

Од Министерството за правда  изјавија дека доставиле одговор до Народниот правобранител во кој детално е објаснета постапката за полагање на правосуден испит, и дека правосудниот испит е стручен испит, а не административна постапка.

Премиерот Христијан Мицкоски иако изјави дека на студентите треба да им се овозможи да полагаат и на албански јазик, тој потоа рече дека сегашниот Закон не дозволува правосудниот испит да се полага на албански јазик и дека е спремен да го регулира, но одлуката ќе ја донесе Венецијанската комисија. На 4 мaрт во Собранието тој вети дека ќе се направат законски измени за да може испитот да се полага и на албански јазик.

Албанската опозиција првично достави предлог-закон  со кој предлагаа правосудниот испит да се полага и на албански јазик, но подоцна го повлече  со образложение дека доволно е да се спроведува само Законот за употреба на јазиците. Албанската опозиција, исто така, до Собранието достави и резолуција. 

Ова прашање предизвика дебата и политички судири меѓу партиите на власт и опозицијата. Eкспертите и граѓанското општество оценуваат дека испитот на албански јазик не претставува ризик и треба да ја одразува демографската реалност.

Предлог-законот со кој ќе се овозможи правосудниот испит да се полага на албански јазик беше изготвен во 2024 година од Министерството за правда, но со промената на парламентарниот состав и новата Влада, тој беше тргнат од дневен ред на Собранието и воопшто не беше споменат од сегашната влада. Во Законот за правосудниот испит не постои законска одредба во која се наведува дека овој испит може да се полага само на македонски јазик.

Во член 2 пак од Законот за употреба на јазиците  се вели дека „државните институции мора да овозможат употреба на други службени јазици што ги зборуваат најмалку 20% од граѓаните“, а тоа е албанскиот јазик.

Во член 2 и 5 од овој Закон се вели дека „институциите се должни да овозможат употреба на албанскиот јазик во сите постапки пред судовите и другите државни органи“.

Ова значи дека ако Законот за правосудниот испит не го ограничува спроведувањето на овој испит само на македонски јазик, тој треба да се овозможи и на албански јазик.

Законот за примена на јазиците стапи на сила во 2019 година. Оттогаш се сменети четири министри за правда, од Бојан Маричиќ, Никола Тупанчевски, Кренар Лога и актуелно министер за правда е Игор Филков. Во претходните години, и кога немаше министер Албанец, заменик-министерот беше Албанец.