Табаковиќ: Инфлација од 15 отсто во Србија е над очекувањата и сѐ уште не е достигнат пикот


 

Инфлацијата во Србија во октомври годинава изнесува 15 отсто на годишно ниво и е повисока од очекуваното, што е последица на поскапувањето на енергентите и храната на светскиот пазар, изјави гувернерката на Народната банка на Србија (НБС), Јоргованка Табаковиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Таа на презентација на ноемврискиот извештај за инфлацијата посочи дека не може да тврди дека е достигнат „пикот“ на инфлацијата, бидејќи има надворешни фактори на кои не може да се влијае.

-Во август очекувавме дека инфлацијата ќе биде највисока во септември годинава, но значителното зголемување на цените на енергенсите во светот, заедно со ефектите од сушата во Европа, ја подигна инфлацијата на 15 отсто на годишно ниво, што е над претходните очекувања, рече Табаковиќ.

Таа наведе дека „увезената“ инфлација имала двотретинско влијание врз инфлацијата во Србија и врз базната инфлација, која во октомври изнесувала 9,5 отсто на годишно ниво.

Според неа неповолните меѓународни услови и кризата имале влијание врз проектираниот раст на БДП на Србија, кој се очекува да биде „два до три отсто до крајот на годината, можеби поблиску до три отсто, а следната година околу 3,5 отсто, додека во 2024 година, тоа би можело да биде околу четири отсто“.

Табаковиќ најави дека НБС ќе продолжи да ги заострува условите на домашниот монетарен пазар, но со побавно темпо.

Таа додаде дека НБС продолжила да ги зголемува девизните резерви и дека тие во моментов изнесуваат 16,9 милијарди евра.